Осмина-финалниот дуел меѓу Македонија и Словенија, покрај жестока битка на теренот меѓу играчите, ќе донесе и надмудрување од клупите, меѓу Борис Дениќ и Ивица Обрван.

И додека Обрван со целосен респект зборува за репрезентацијата на Словенија, истакнувајќи го нејзиниот висок квалитет, потенцирајќи дека Словенија е значително поквалитетна од репрезентацијата на Катар, Дениќ прави се да ја зоврие атмосферата пред неделниот дуел.

На денешниот тренинг, Дениќ дозволи присуство само на словенечките новинари, додека со останатите, меѓу кои и македонските, разговараше по тренингот.

„Македонија не посакуваше нас за противник, и еве не доби. Тука сме.“, изјави Дениќ, додавајќи дека на ова СП само еднаш ја гледал Македонија, на дуелот од 4-то коло со Хрватска.

Дениќ се осврна и на позицијата десен бек, на која Македонија ги има Лазаров и Вугринец. „Лазаров е врвен играч. Вугринец е врвен играч. Не знам зошто се дига толкава тензија околу Ренато. Македонија сакаше да ги има двајцата во репрезентацијата и ги доби. Сега нека ги искористи. Секако дека можеме да ги сопреме. Прашањето е дали Јоновски и Марковски можат да го сопрат Зорман? Јас ви велам дека не можат. Секако, ќе направат се што можат, за да успеат во тоа.“

„Ние утре ќе ја играме нашата игра, тие својата. Ние максимално брзо, тие максимално бавно. Ќе видиме кој ракометен стил на игра ќе победи“, заврши селекторот на Словенците Борис Дениќ.

Борис Дениќ е искусен тренер, кој знае дека ваквите мечеви не се добиваат само на терен и само со ракометно знаење, туку и на психолошки план. Затоа и со своите изјави се обидува да ги мотивира своите ракометари, истовремено да ги провоцира противничките. Но Македонија има сериозна и искусна репрезентација која нема да подлегне на ниту една провокација.

Трпеливо, паметно и храбро – во недела одиме по победа.