Доскорешниот играч на Металург, капитенот на македонската репрезентација на играчи од 1994-то годиште, Борјан Маџовски, својата кариера ќе ја продолжи во ракометниот клуб Пелистер од Битола. Маџовски потпиша едногодишен договор, со можност за продолжување на соработката.
Ова е уште еден во серијата потези на ракометната гордост на Битола, со кој Пелистер се обидува полека да се врати на старите патеки и да направи повторно силен и конкурентен тим. Се ова засилување се чини добиваат и двете страни. Пелистер го добива еден од најталентираните и најборбените бекови од Македонија, а Маџовски можност да добие многу позначителна улога од онаа која ја имаше во Металург и со тоа да напредува во играта.
“Решив да заминам во Пелистер за да имам поголема минутажа од таа што ја добивам во Металург. Металург игра во Лигата на шампиони и има поискусни играчи кои ќе ја носат играта, а јас сметам дека мене во овој момент ми е потребна поголема минутажа. Тоа е најолемиот фактор што заминав”, вели Маџовски на нашето прашање околу причините за овој трансфер. Околу очекувањата од новата сезона и амбициите на Пелистер. Маџовски вели: “Доаѓам во ракометен град со голема традиција и ми е мило за тоа. Амбициите на клубот се да се направи една добра атмосфера во тимот, бидејќи има нови и млади играчи, да се вклопиме добро и чекор по чекор да почнеме да му парираме на секој противник”.