Без никаква намера да се потценат екипите од типот на Пик Сегед и Рајн-Некар Левен, сепак уште при ждрепката за овогодинешната Лига на шампиони, јасно беше дека полскиот шампион Киелце и европскиот првак Барселона се фаворите во нашата група. Ждрепката сакаше Вардар токму со овие две екипи да одигра четири едно по друго мечеви, почнувајќи од саботниот дуел со Киелце.
Киелце е страшна екипа. Минатата сезона екипата се пласираше на Фајнал 4, откако во 1/4 финалето го елиминираше токму Вардар. И за разлика од минатата сезона, кога Киелце групната фаза ја мина со 100% учинок, а целата сезона имаше само 2 порази, годинава не почна најсјајно. Неочекуван пораз од Пик Сегед во првото коло, и два нерешени резултати (против Рајн-Некар Левен и Барселона) го ставаат Киелце моментално на 4-то место во групата и во позиција да има императив да остане несовладан во дуелот со Вардар во Скопје.
Треба да се напомене дека Киелце од меч во меч игра се подобро. Тоа особено се виде на последниот дуел, кога на 40 секунди до крајот имаше 2 гола предност над Барселона, која сепак не беше доволна за триумф на европскиот првак. Во однос на ростерот од минатата сезона, Киелце ги задржа речиси сите клучни играчи. Тоа практично е и силината на екипата – тимската игра. Како во нападот, така и во одбраната. Најголемата опасност по голот на Вардар ќе доаѓа од бековите Јурецки и Белецки, кои до сега имаат постигнато 25, односно 20 голови, како и пивотот Агинагалде, кој сезонава е многу поактивен во нападот и до сега има постигнато 24 голови (за разлика од мината година, кога цела сезона постигна само 34 голови). Не смее да се заборават и одличните крила. Сезонава, минутажата меѓу крилата е распределена порамномерно, па покрај извонредните Чупиќ и Штрлек, значителна улога имаат и Германцеот Рајхман (до сега најпрецизен крилен играч во Киелце со 16 голови, и пољакот Јачлевски. Тоа му дозволува Талант Душебаев постојано да има свежи и одморни крила во игра, кои можат максимално да одговорат и на играта во одбрана, но особено во нападот т.е во транзиција за брза контра и полу-контра.
Клучот за победата лежи кај играчите на Вардар. За да се дојде до триумф, несомнено е дека Вардар ќе треба да одигра најдобро сезонава. Против екипа како Киелце, нема да биде доволно само Штербик да има добра вечер со 15+ одбрани. Ќе биде потребно целата обрана да е на ниво, а во нападот да има што е можно помалку индивидуални акции, и повеќе тимска игра. Ова, имајќи го во предвид дуелот од минатата сезона, кога голманот Шего, практично го одведе Киелце во полуфиналето на ЛШ. Загрижува отсуството на Стоилов и Деревен, бидејќи на тие позиции огромен товар ќе падне на Тоскиќ (кој имаше сериозна повреда на аркадата на дуелот со Колдинг) и Горбок, кој не секогаш е стандарден во формата. најголема опасност и на овој натпревар ќе доаѓа од Карачиќ, Душебаев, Македа и Дибиров, но за да се задржи високо темпо во текот на целиот меч, свој придонес мора да дадат и Циндриќ и Манасков (доколку конечно добие шанса од Раул Гонзалес).
Мечот е со директен пренос на МРТ1 од 17:30, а половина час претходно оди емисија од студиото со стручни коментари и анализи.