Ракометарите на Вардар и гостуваат на германската екипа Рајн Некар Левен, во рамките од последното коло од ракометната Лига на Шампиони. Вардар во пресрет на натпреварот се наоѓа на второто место во групата Ц со само бод предност пред лавовите, со што за да го задржи тоа место, вардарци треба да останат непоразени.
Рајн Некар Левен досега нема пораз на домашен терен, каде и големиот Веспрем потклекна. Но, радува тоа што оваа екипа игра променливо, не е константна во своите игри. Примери за тоа се падови во играта против аутсајдерот Целје и нивниот пораз, како и одличната игра против унгарскиот гигант Веспрем која ги доведе до убедлив триумф.
Нивното цврсто играње во одбраната, доведува до полуконтри и контри, во кои нивните брзи крила се непогрешливи. Во својот состав го имаат едно од најдобрите леви крила во светот, Уве Геншајмер, ракометар кој од секоја позиција има интелегентно решение како да постигне гол. Од другата страна десното крило Патрик Гротецки му помага, со што со право се едни од најефикасните ракометари во германскиот состав.
Во нападот играат стрпливо, градејќи позициона акција во која главни актери се бековите Андре Шмид и Александар Петерсон. Ракометари кои функционираат одлично, вистински предводници од кои треба да стравуваат нашите ракометари.
Натпревар во кој главна улога повторно ќе бидат голманите, на едната страна Ландин, на другата страна Штербик. Како што и беше на првиот натпревар во Скопје, во кој најзаслужен за победата на Вардар беше Арпад Штербик со 14 одбрани.
Вардар отпатува во Германија без голманот Петар Ангелов (добро познатата ротација на голмани кои ја прави Гонзалез) и средниот бек Немања Прибак кој поради повреда (дисторзија на скочниот зглоб) остана во Скопје.
Нашите ракометари во пресрет на овој натпревар ќе влезат без притисок, бидејќи веќе е обезбеден пласман во 1/8 финалето. Но, со голема желба да се надигруваат и проверат со каква играчка моќ располагаат, односно дали заслужуваат да се најдат на завршниот фајналфор.
Предводени од бековската тројка Караџиќ, Горбок и Душебаев, потпомогнати од кружните напаѓачи Стоилов, Чипурин и Тоскиќ, на крилјата на брзите Дибиров и Шишкарев, Вардар не се очекува да има големи проблеми во нападот. Најслаба карика на вардарци е одбраната, која на последните натпревари излегуваше на виделина.
За да се победи Рајн Некар Левен, едноставно мора да се игра поцврсто и поконцентрирано во одбраната. Не може само Абутович да игра, овојпат ќе мора да се активираат и останатите ракометари, со што делумно би им се олеснила работата на нашите голмани.
Не очекува тежок и неизвесен натпревар, но овој натпревар не е “да се биде или не“ туку да се види “до кај сме и што сме“, што треба да се поправи понатака.
Натпреварот се игра во сабота од 21:00 часот, со директен пренос на Алфа ТВ #СоСрцеЗаВардар