Во жесток, и целосно изедначен натпревар, ракометарите на Вардар не успеаа во обидот да се пласираат на завршниот турнир во Келн. Пораз од 33-31 од одличната екипа на Киелце, која со две победи сепак заслужено оди меѓу четирите најдобри екипи.
А не беше Вардар без шанси на возвратниот дуел. Беше во игра се до 55-та минута, кога семафорот покажуваше нерешено 29-29. А имаше во претходните 7-8 минути неколку напади Вардар да конечно поведе, и да направи дополнителен притисок врз домаќинот, но не успеа. Промашија зицер, полу-контра и шансите заминаа во неповрат. Како и во Скопје, Киелце знаеше како да ги искористи промашувањата на Вардар и да се одлепи и да го реши натпреварот во своја корист.
И претходно, практично во целиот тек на мечот имавме егал резултат. Киелце на неколкупати се обиде да се одлепи, но не успеа да направи поголема разлика од 3 гола. И Вардар не попушташе. Одигра храбро, одважно, и генерално одигра многу подобро од првиот меч. Но само во нападот. Играта во напад беше на едно повисоко ниво во однос на првиот дуел и тоа им создаваше многу проблеми на Полјаците. За жал, играта во одбрана и пред се голманите не беа ни бледа сенка од првиот дуел. И тука треба да се бара причината за триумфот на Киелце.
Душебаев и Карачиќ со 9, односно 7 постигнати голови беа најпрецизни кај Вардар. Кај домаѓинот, Биелицки беше нерешлива енигма за македонскиот првак. 8 постигнати голови, од кои неколку беа спектакуларни од над 10-11 метри одалеченост. Одлични беа и Јурецки со 6 постигнати погодоци и особено Словенецот Зорман, кој од своите 5 постигнати голови, неколку беа во клучни моменти на мечот.
Со овој меч, Вардар го завршува овогодинешното натпреварување во ЛШ. Македонија, трета сезона по ред нема претставник на завршниот турнир. Трета сезона (Металург два пати, Вардар два пати)не успеваат да излезат како победници во четвртфиналните мечеви. Сепак, благодарение на одличните игри овие сезони, вклучително и тековнава, Македонија ја зацврсти својата позиција како европска ракометна сила. А следната сезона, се надеваме дека конечно македонските претставници ќе одат чекор понапред, и конечно ќе ја гледаме нашата екипа на Фајнал 4 турнирот во Келн.