Помина уште еден ден, уште еден викенд исполнет со натпревари, уште едно одмерување на нашите најдобри клубови со најдоброто од Европа… Проследивме уште два меча исполнети со жестоки дуели, бескомпромисна борба на секој дел од теренот, и за жал уште еднаш ја почувствуваме горчината на поразот…
Ќе дојдат верувам сега многу критики од сите страни, најжестоките најверојатно ќе побараат откази за Индира и за Гонзалес но јас би рекол дали е навистина потребно тоа? Дали навистина мислите дека и сo со други тренери денес ќе беше подобро?
Никогаш не се знае но сепак никој не смее да го занемари фактот дека и ракометарките и ракометарите денес дадоа се што имаа но едноставно не успеа. Против себе имаа два голмани кои имаа свој ден, кои денес потврдија дека се со право меѓу најдобрите на светот.
Денес против себе нашите јунаци ги имаа Миклер и Краузе…
Отпатува нашиот вицешампион денес полн со надеж, исполнет со желба но и со јасна цел во Унгарија. Се отиде со желба да се одигра најдобро, со знаење за силата на противникот, свесно дека не смее да се дозволи отварање како на мечот во Скопје, но и со желба за одмазда за тој тежок пред се психички пораз. За жал таа желба, а и мора да се признае целата борба на крајот се покажа неуспешна и Вардар го доживеа и вториот пораз во серија. За жал поразот беше не само заслужен туку и убедлив. Но сепак никој не смее да ги критикува нашите ракометари пред се затоа што сите сме свесни за тоа колку е јак Веспрем, а и колку е опасен посебно на домашен терен. И мора да се признае дека денес едноставно вардаровите играчи налетаа едноставно не само на гранитната одбрана на Веспрем туку и на неверојатно расположениот Миклер кој едноставно ги откажа нашите ракометари. Ако некој се прашува како е можно тоа, јас би ви предложил да се потсетите на оние мечеви на Вардар против Рајн Некар или Чеховски Медведи, или пак на противниците на Металург кога на голот на оваа екипа беше Дарко Станиќ. Едноставно секогаш се вика дека голманот е половина екипа, а денес факт е дека Миклер беше едноставно и повеќе од тоа. Не дека немаше и некои избрзани шутеви од вардарци, но едноставно Миклер имаше одбрани од кои едноставно застанува и здив со десетина одбрани на чисти ситуации во кои верувам сите ја видовме топката во гол. А кога на тоа ќе се додаде и фактот дека по само шест минути Вардар остана без еден од своите клучни ракометари Лацковиќ, дека отпатува без Горбок и Стоилов практично без тројца и премногу важни ракометари, дека на почетокот немавме и среќа, додека нашите шутеви одеа во статива и надвор, на Веспрем одеа во статива и во гол, некои мали грешки кои беа жестоко казнети едноставно денес беше невозможно да се победи.
Не треба да се тагува ни да се критикува, барем не злонамерно, ракометот е игра во која е нормално и да се победува и да се губи и спортски е да се признае пораз од подобриот. Важно е да се оди со крената глава, да се извлече поука и да се влезе храбро и уште пожестоко во наредните дуели кои следат веќе од наредната недела. Прочитав статија денес која вика дека моќниот Вардар е само Илузија, јас би рекол зарем илузија беше оној Вардар кој лани секунди го делеа од Келн? Зарем Илузија е овој Вардар кој годинава во првите четири натпревари совлада великан како Рајн Некар и одигра нерешено со Монпелје, ги совлада Целје и Чеховски Медведи кои ги даваат грото репрезентативци на своите земји?
Да има место за критика но не треба да се омаловажува ниеден македонски тим, не треба да се бара ни успех преку ноќ. Еве дури и еден Веспрем кој денес изгледаше толку моќно не успеа со децении да се пласира онаму каде што според многумина заслужува. Поминаа цели генерации пред конечно да го видат Келн и тоа последно скалиште пред самиот врв на кој сеуште чекаат да се искачат. Вардар е силен, Вардар е моќен и Вардар е тим во прогрес, во развој, тим кој е наш македонски и кој ја заслужува нашата поддршка без разлика од каде сме и за кој друг клуб навиваме (Јас сум од Битола и секогаш ќе го сакам Пелистер и ќе навивам за него но сепак во Европа секој македонски тим е и мој тим), затоа што игра за нашата земја. Покажаа денес Комитите како се навива и како се сака својот клуб и секоја чест за тоа така и треба…
А што да кажам за девојките…болна е таа Германија, потсети овој нивни пораз на оној од претходната недела на нивните колеги. Но никој не смее да ги критикува затоа што одиграа со срце и борбено но исто како и мажите и тие налетаа на голман кој денес едноставно имаше свој ден. Претпоставувам сега знаеме сите па и тие како се осеќаа нивните противнички кога Суслина собра 28 интервенции. И доволен показател за тоа колку добро бранеше Краузе и колку добар меч одигра Туринген е и фактот дека и Суслина имаше одлични 15 интервенции и Вардар одигра извонредна одбрана која го принуди противникот на многу грешки. Не дека нема простор за критика но никако не смее да се осудува…
Едноставно денес Краузе беше во свој елемент, а Вардар не успеа да најде решение. Да можеби со Лекиќ, со Хмирова, со здрава Кликовац и Лејно денес Вардар ќе постигнеше повеќе но сепак не смее да им се замери ништо на останатите девојки кои дадоа се од себе. Едноставно и тие денес беа принудени да го положат оружјето пред голман кој покажа врвен квалитет. Девојките се бореа, видовме извонредна Лазовиќ, солидни Николиќ и Пенезиќ, Дембеле и Чернованенко, секогаш одлична Суслина, повторно борбена Ихнева но сепак видовме и феноменална Краузе која денес ги собра сите аплаузи.
Има простор за напредок, има уште многу да се научи, има и време до наредните натпревари кога се надевам конечно ќе ги видиме и повредените ракометарки во строј и мислам дека тогаш ќе ја видиме и вистинската сила на овој Вардар кој сеуште се бара себеси но кој е на прав пат…
Тоа е денешната приказна колку и да е болна, колку и да е горчлива, па можеби и разочарувачка сепак е само уште еден ден од многуте.
Ова е само едно поглавје од многуте кои поминале и кои ќе следат ќе има и тажни моменти но ќе има и радосни моменти затоа мои читатели, и сите искрени навивачи, ние го знаеме спортот, го сакаме, и знаеме како да ги поддржиме нашите клубови кога треба да се издигнат над се и да победат го покажа тоа вечерва Металург, а многупати досега го покажале и машкиот и женскиот тим на Вардар. Поразите се составен дел од спортот, но нашите клубови не навикнаа на победи, ги разгалија нашите срца со своите извонредни настапи, со феноменални партии од Карачиќ, од Прибак, од Штербик, со магични голови од Брумен и Дибиров, од Горбок и Шишкарев, од Николиќ, од Лекиќ, Лазовиќ и Пенезиќ, од Радичевиќ и од сите останати затоа да критикуваме, но и јасно да покажеме дека секогаш сме со нашите клубови, секогаш сме обединети, секогаш сме НАЈДОБРИ НАВИВАЧИ… Денес ве запреа два голмани, но иако битката е загубена, војната сеуште трае, а Македонија е секогаш со вас… Секогаш!
Автор на текстот е Кочо Трајковски