Тимот на МакРакомет разговараше со најмладиот член на ЖРК Металург, десното крило Елена Петковска. Петковска од оваа сезона е дел од првиот тим на ЖРК Металург, во кој прејде од сестринската екипа РК Металург Скопје. Разговаравме за нејзините почетоци, видувања и клубските амбиции за тековната сезона.

elena_petkovska

1. Зошто се одлучи за спортот воопшто, а поточно за ракометот? Од каде дојде заинтересираноста и љубовта кон ракометот?
Најверојатно поради фактот што генерациски потекнувам од спортско семејство. Спортот беше постојано присутен во мојот дом уште од мала, а љубовта кон ракометот ми ја всади мојот дедо поранешен ракометар и ракометен тренер.

2. Како успеваш како млад човек да избалансираш живот на еден професионален спортист со она што е да речеме “нoрмaлнo“ за еден 18-гoдишник – излегувања, дружба?

elena_petkovska1
Име и презиме Елена Петковска

За сè се има време доколку правилно се организира. Покрај многуте обврски што ги имаме, два пати на ден тренинзи, сепак успеваме да најдеме време за излегување, дружење и прошетки со пријателите.

3. Играш на позицијата крило, што бара малку поинакви предиспозиции од сите останати ракометни позиции – брзина, скочност, широк репертоар на удари од мал агол. Според мене, тоа е најатрактивната позиција. Има ли играчи на крилната позиција кои ти се идоли т.е некој од кој учиш кој те инспирира да напредуваш?
Искрено повеќе го следам машкиот ракомет, кој е многу поатрактивен и подинамичен од женскиот, па од тука како мои идоли можам да ги издвојам Виктор Томас и Лук Абало, а од постарата генерација Мирза Џомба.

4. На кој начин се подготвуваш за мечевите? Имаш ли некои ритуал?
Секој си има свој начин на подготвување за секој натпревар. Јас немам некој посебен ритуал, но секогаш неколку часа пред натпреварот ја слушам мојата омилена музика и на тој начин се релаксирам.

5. Со заминувањето на неколку поискусни ракометарки, ЖРК Металург остана прилично млада екипа, шанса за вас помладите да го докажете вашиот квалитет. Каква е атмосферата во тимот? Кои се твоите очекувања за сезонава?
Да, со заминувањето на поискусните ракометарки, се создаде шанса за нас помладите да покажеме што знаеме, да го покажеме нашиот квалитет. Што се однесува до атмосферата во клубот, таа е одлична, позитивна, ние меѓусебно се сложуваме и разбираме и токму заради тоа и напредуваме. Нашата цел е да го освоиме второто место во Супер лигата и во Купот на Македонија.

6. Што може да те изнервира најмногу за време на натпревар?
Некоректното судење и намерните груби стартови при шут од контра и позиција најмногу може да ме изнервира, сепак успевам да се исконтролирам.

7. ЖРК Вардар е апсолутен фаворит сезонава, но дали мислиш дека со овој состав на ЖРК Металург, со правилна работа, за година, две може да ја врати титулата во домашното првенство?
Зошто да не? Со оглед на тоа дека ние сме релативно млад состав и имаме голем напредок, сметам дека со максимална посветеност, залагање и тренирање за одреден период ќе можеме да им парираме на појаките клубови.

8. Вие, младите ракометарки сте иднината на македонскиот ракомет. Можат ли македонските ракометни фанови да веруваат дека за година, две македонската репрезентација ќе се врати таму кај што и е местото, на европските и светските првенства?
Мое мислење е дека можат да веруваат во нас, ние се трудиме и максимално се залагаме, а најголем доказ за сето тоа е големиот чекор што го направивме, а тоа е пласманот на ЕП во Шпанија по подолго време.

9. Што правиш во слободно време? Како ти поминува еден ден?
Најчесто го искористувам слободното време за дружење со пријателите, прошетки во природата и често знам да си пуштам некој натпревар од изминатите сезони.

10. Можеш ли да издвоиш некој интересен момент или некоја интересна ситуација од теренот? :-)
Мојот прв официјален натпревар на 9-годишна возраст, во кој поради недосуден фаул, решив да се ставам во улога на судија и прекинувајќи го натпреварот удрив шлаканица на противничкиот играч. Токму поради тоа добив директен црвен картон :-) Па од тогаш сфатив дека фер плејот е основа на секој спорт и токму поради тоа се трудам да бидам максимално коректна.

11. Кое е твоето мото?
„Никогаш не се предавај“

Датум на раѓање 25.11.1996
Место на раѓање Скопје
Висина 165
Тежина 55
Позиција на која настапува Десно крило
Прв клуб
РК Кастратовиќ
Сегашен клуб
ЖРК Металург
Тип на музика
Зависи од расположение
Хоби или интерес за нешто различно од ракометот Одење по нервите на другите :-) :-)
Прошетка, читање книги
Кога не би била ракометарка би била Уметник