Ракометарките на ЖРК Вардар денеска му гостуваат на Лајпциг, во првиот натпревар од првото коло во главната фаза од Лигата на шампионите. Вардарки се дел од групата 1, заедно со денешниот противник Лајпциг, потоа Будуќност, Динамо Волгоград, Крим Меркатор и Турингер.
Според новите правила воведени од ЕХФ, Вардар во оваа фаза нема да игра против екипите на Будуќност и Турингер, бидејќи беа дел од нашата група во првата фаза од елитното натпреварување. Тоа значи дека ќе играме шест натпревари, по два со Лајпциг, Динамо Волгоград и Крим Меркатор.
Според резултатите од првата група ЖРК Вардар се наоѓа на четвртата позиција на табелата, подетално може да видите ТУКА.
Вардар овој дел од сезоната го започнува без повредените Татјана Хмирова и Бегоња Фернанез. Во овој преоден рок во нашата екипа беа доведени две ракометарки, Робертина Меческа на позицијата пивот и Итана Грбиќ на левата крилна позиција. Засилен беше и стручниот штаб со ангажманот на Данецот Ким Расмусен како нов член во стручниот штаб на нашиот тим, односно на позицијата тренер-консултант.
Натпреварот Лајпциг – Вардар се игра денеска од 19.30 часот во Арената Лајпциг.
Преносот од овој меч ќе може да го гледате на Алфа ТВ.