Во време кога фокусот на ракометната јавност е свртен кон не толку убави работи (пред се ситуацијата во Металург), решивме да се осврнеме на првите две кола од квалификациите во контекст на престојното Светско првенство во Катар. Откако сите ги видовме двата натпревари, решивме да дадеме наша анализа на можностите на репрезентацијата на СП и што е она што мора да се подобри во наредниве 2 месеци.

Ќе започнеме со работите каде немаме дилеми. На неколку позиции Македонија делува навистина моќно. Позицијата десен бек, предводена од Кире Лазаров и на ова првенство ќе биде нашето најсилно оружје. Кире Лазаров е неоспорниот лидер на оваа репрезентација и тоа несомнено ќе го покаже и овој пат. На првенството значителна минутажа треба да добие и Вугринец, барем 15-20 минути по натпревар, како би можел нашиот капитен што подолго на турнирот да биде одморен и во топ форма. Позицијата лево крило е уште една на која немаме дилеми. Доколку нема несакани повреди, Дејан Манасков и Гоце Ојлески се дефинитивниот избор на нашиот селектор. И кај двата играчи квалитетот е неспорен, но на ова првенство мора да ја подобрат реализацијата. И Манасков и Ојлески мора да бидат целосно сконцентрирани во завршниците на нападите. Ние не сме репрезентација која лесно создава шанси и кога крилата ќе се најдат во зицер ситуација, не смее да ја пропуштат. Јасно е дека не може секој удар да е гол, но не смее да се случува да имаме по 3 промашени зицери во серија.

И позицијата среден бек, е одлично покриена. Миркуловски, Мојсовски и Прибак се одличен избор. Има доволно време да ја подигнат формата до почетокот на првенството и да бидат вистински организатори на играта, бидејќи без добар плејмејкер, тешко одат нападите на секоја екипа. Останува впечатокот дека Прибак мора да добие многу поголема минутажа и со тројца рамноправни играчи да го одржуваат темпото цели 60 минути. Столе Стоилов и Ванчо Димовски се фикс на пивотменската позиција. И тука немаме дилема. Столе ќе мора да ги износува поголемиот дел од натпреварите, а Ванчо да помага по барем 10-15 минути. Со моменталната форма на Борко Ристевски, и голманската позиција ни е покриена. Борко брани во феноменална форма, што не радува сите. Дополнително Борко е целосно уигран со нашите главни одбрамбени играчи – Велко Маркоски и Ацо Јоноски, и сето тоа делува навистина импресивно. Кој ќе биде втор голман е отворено прашање. Изборот е меѓу Диви и Митревски, и веројатно моменталната форма пред самиот почеток на првенството ќе биде пресудна при изборот на Обрван.

Позицијата десно крило е отворено прашање кое треба да го реши селекторот. Гоце Георгиевски е прв избор без дилема. Но замена за тоа крило, немаме. Ризикуваше селекторот на мечот со Чешка, игравме со едно крило во тимот, и за малку тоа ќе ни се удреше од глава. Вугринец играше секогаш кога Георгиевски одмараше на клупа, и секоја изгубена топка резултираше со брза контра на противникот, бидејќи (сосема логично) Вугринец не може да го испрати во контра противничкиот играч. Обрван мора да најде решение, да најде играч кој ќе биде од помош за екипата. Можеби треба да покаже храброст и да повика млад играч (од типот на Костески кој постигнува по 7+ голови по натпревар во домашното првенство) со што ќе се направи важен чекор со внесување на млади играчи во репрезентацијата, кои се иднината на националниот тим. Второто решение е и на ова првенство да го повика Мојсовски, сигурната варијанта која ја практикуваа сите минати селектори се со цел да не се нарушува „хемијата“ во тимот. Она што НЕ СМЕЕ да биде опција е да бара странски играч кој со македонски пасош експресно би влетал во репрезентацијата. И добро е што претседателот на РФМ ги отфрли овие шпекулации. Иако со изјавата „Матијаж Брумен е извонреден играч од светска класа, но не е во нашите планови за СП во Катар“, тој не ја отфрла можноста Брумен да заигра за нас по овој шампионат. Нашиот став е јасен, има македонски играчи кои можат да ја пополнат таа позиција. И давање на пасоши на играчи над 30-години не е, ниту може да биде стратегија за развој на спортот број еден во Македонија.

И доаѓаме до критичната позиција во нашата репрезентација – лев бек. Единствен лев бек е Филип Лазаров. И на овие два меча се потврди она што го знае целата македонска јавност – Филип не е играч кој може да го износи теретот на таа позиција. Тоа го знае и Обрван и затоа постојано ротира со Миркуловски и Мојсовски на таа лева позиција и со тоа Македонија практично игра без лев бек на сите свои натпревари. Тоа е позицијата за која Обрван мора да најде решение. Во спротивно играта на репрезентацијата лесно ќе биде прочитана од секој наш противник и ќе се мачиме да постигнеме позитивен резултат на шампионатот. И повторно Обрван има две можности – да биде храбар и да ги внесе во репрезентацијата Талески и Нелоски. Сигурни сме дека ваквиот потег би наишол на одобрување кај целата македонска јавност. Втората опција е слично како и кај изборот за десно крило – да не се „лула бродот“ и за мир во репрезентацијата, да остане Филип Лазаров единствен вистински лев бек, а на теренот да ротираат Миркуловски, Мојсовски и Прибак.

Се на се, Обраван има работа во наредниве 2 месеци. Има простор за напредок во нашата игра, кој е неопходен доколку сакаме да ја достигнеме амбициозната цел – пласман во четвртфиналето на шампионатот. Дополнителен проблем е секако ситуацијата со репрезентативците кои настапуваат во Металург. Сите претпоставки во овој текст важат само ако тие се во полн тренажен процес и во врвна натпреварувачка форма. Затоа, за доброто на репрезентацијата, оваа состојба треба да има брза разрешница. На кој и да е начин.

Но не е се така црно. Нашата репрезентација секогаш игра врвно на шампионатите. Традиционално, се мачиме на квалификациските натпревари, но тогаш кога е потребно, на првенствата, македонската репрезентација е во врвна форма. Да се надеваме дека и овој пат ќе биде така. #СоСрцеЗаМакедонија