На ова првенство Дејан Манасков покажа дека созреал како играч и е еден од најдобрите поединци во досегашниот тек на шампионатот. На осминафиналниот дуел со Словенија, Манасков ќе биде повторно клучен, овој пат не толку заради играта во нападот, колку заради одбрамбените играчи. Тој денес ќе ја има најтешката задача – да го сопре досега најдобриот стрелец на СП, Драган Гајиќ.
„Нашата цел останува иста, да минеме во четвртфиналето, а со тоа да се избориме за можност за настап на Олимписките игри’’, изјави Манасков кој во досегашниот дел од шампионатот два пати беше прогласуван за играч на натпреварот.
За остварување на целта, Манасков смета дека, македонските ракометари ќе треба добро да се потрудат во дуелот со силната репрезентација на Словенија.
„Словенија е силен тим. Тие се за 20-30 % подобра репрезентација од Австрија. Мора да покажеме подобра игра од оваа, мора да покажеме континуитет во двете полувремиња. Ако со Австрија игравме послабо во првиот дел, а подобро во вториот, со Словенија ќе мора да играме подеднакво во двете полувремиња, за да стигнеме до триумф и да го поминеме тоа осминафинале. Нема да биде лесно. Важно е психички да се подготвиме, но и физички да сме одморни, а потоа в недела, да дадеме максимум од себе и уште еднаш да ја израдуваме македонската јавност’’, заврши Манасков.