По четири одиграни кола во Лигата на шампионите, Металург е без бод. И баш затоа, по одиграното 4-то коло, сите во клубот, од управата, преку стручниот штаб, па се до играчите, со нетрпение ја очекуваа едномесечната пауза за време на која клубот требаше да се консолидира, и финансиски и играчки.

За жал, како што веќе на сите ни е познато, состојбата не само што не се смири, туку ескалираше, па играчите беа фокусирани на се, освен на ракомет. Ситуацијата се спаси во последен момент, па Металург викендов ги продолжува натпрeварите во ЛШ.

Објективно гледано, во ваква ситуација, се освен пораз на Металург викендов во Шпанија е рамно на сензација. Со значителни измени во ростерот (без Атман, Циндриќ, Марсениќ, Борозан, Липовина), со ракометарите вон тренажен процес и целосно нарушени односи во клубот на релација играчи-стручен штаб-управа, кој и да е противникот, ја има фаворитската улога.

А противникот е втората по квалитет шпанска екипа, Натурхаус Ла Риоха. Шпанците играат и повеќе од солидно во досегашниот дел од натпреварувањата. Ги добија двете средби на домашен терен против директните конкуренти за пласман кој води во осмина-финалето, Брест Мешков и ППД Загреб. Дополнително, одиграа сосема коректно на тешките гостувања во Германија и Франција, каде забележаа порази од гигантите Кил и ПСЖ (34-32 и 32-25). На мечевите Ла Риоха се обидува да наметна брза игра со контра и полу-контра и лесно да дојде до гол. Затоа и не треба да изненадува што толку искусните крила Комас и Лорензана се најпрецизните по првите 4 кола со по 20 односно 19 постигнати гола. Фактот што и третиот стрелец во екипата е лево крило, исто како Лорензана, (Фернандез Перез – 15 гола), сосем јасно го отсликува начинот на игра на шпанскиот тим.

Со таков противник, за Металург да се надева на успех потребна да одигра над своите моментални можности. Секој кој се занимавал професионално со спорт го знае ефектот и на еден единствен неодржан тренинг, па извесно е дека играчите не се на максималното ниво на своите можности. Но од друга страна, Металург во Шпанија патува само со домашни играчи, плус Дарко Ѓукиќ. Значи патува со тим кој игра многу долго заедно и целосно се познава. Мојсовски, Миркуловски и Вугринец ќе треба да се обидат пред се благодарение на своето искуство да дојдат до позитивен резултат.Значаен терет ќе падне и врз 4-те крила кои ќе мора да бидат прецизни во напад, но и брзо да се враќаат во одбрана за да не овозможуваат лесни голови за противникот. Дополнително, македонската јавност очекува во ЛШ да ги види и идните ѕвезди на македонскиот ракомет, Нелоски, Талески и Пешевски, и тие активно да придонесат во борбата за позитивен резултат.

Колку и да се во незавидна ситуација, мечот е шанса ракометарите да покажат дека не заборавиле да играат ракомет и дека сеуште од нив може многу да се очекува.
Натпреварот ќе се одигра во недела, со почеток во 17:00 часот и со директен преност на Алфа ТВ.