Вистинско уживање за сите ракометни фанови носи денешниот ден. Два нови настапи во Лигата на шампионите за веројатно најдобрите македонски спортски колективи во моментов, РК Металург и РК Вардар.
Ракометниот ден ќе го отвори екипата на Металург, со мечот против Баја Маре, кој почнува во 15:00 часот. Младите металурзи имаат голем прердизвик пред себе, во цврстиот, искусен и квалитетен тим од Романија. Составот на Баја Маре говори доволно за себе, и сите информации околу некакви финансиски и организациски проблеми не смее да го залажат македонскиот претставник. Тоа го покажува и состојбата на табелата, каде Баја Маре е на делба на второт место со 4 освоени поени, токму со Металург и Мотор. Иванчик, Острушко, Карачиќ се главните играчи во екипата, но генерално Баја Маре игра колективно, особено во нападот, кој е посилна страна на екипата. Со 31,5 постигнати голови по натпревар, Баја Маре е една од најнапаѓачките екипи во лигата, и Металург ќе мора да се потпре на своето најсилно оружје да дојде до триумф. Клучот до победа е сепак кај Металург. Нашата екипа од меч во меч игра се подобро и тоа треба да резултира со првите два бода од гости, оваа година. Со исклучок на Лука Мраковчиќ кој сеуште е ровит по повредата на раката и не е извесно колку ќе може да помогне, сите останати играчи се 100% спремни и со борбеност можат да се вратат непоразени од Романија.
Веднаш по завршувањето на мечот Баја Маре – Металург, ракометарите на Вардар ќе го започнат дуелот со КИФ Колдинг од Данска. Навидум лесно гостување за Вардар, имајќи во предвид дека нашата екипа има максимални четири победи, а данскиот шампион 4 порази. Мала доза на загриженост се повредите во составот на македонскиот шампион. На гостувањето, Вардар патува без повредените Деревен (последните информации велат дека може да отсуствува дури 6 месеци), Штербик, Стоилов и Душебаев. Но широкиот ростер на Вардар треба да помогне токму во вакви моменти. На голот ќе ги имаме Диви и Милиќ, на позицијата десен бек Македа, а на позицијата лев бек конечно шанса се очекува да добие и Лазаров. И вака некомплетен, Вардар е фаворит против оваа година анемичниот Колдинг. Во отсуство на повредениот Игропуло, искусните Андерсон и Спелерберг ја предводат екипата на Колдинг. Сепак тоа не би требало да биде доволно за да му се спротивстават на годинава моќниот Вардар. Доколку македонскиот шампион сериозно и смирено влезе во мечот, очекуваме триумф и нови два поени на нашето конто. Мечот е со почеток во 16:50.