Денес македонските ракометари се слободни, да одморат и да ги наполнат батериите по двата напорни натпревари против селекциите на Тунис и на Иран. Воедно и да се спремат за следниот натпревар, веќе утре против селекцијата на Босна и Херцеговина.

„Овој слободен ден дефинитивно ни е добредојден. Гледам многу понасмеани лица отколку што тоа беше случај вчера по оној меч со Иран. Колку и да е разочарувачки што не успеавме да стигнеме до лесна победа, мене лично ме радува фактот дека остануваме разочарани и кога победуваме. Се сеќавам на наши победи над селекции како Саудиска Арабија по што се радувавме како да сме станале светски шампиони, а сега знаеме и по триумфите да бидеме самокритични. Тоа е доволен доказ за нашата зрелост и токму тоа ми дава верба дека веќе на следниот меч против БиХ одново ќе бидеме оние вистинските, како на дуелот против Тунис во првото коло. Босанците не се наивна репрезентација, но верувам дека и квалитетот и искуството се на наша страна и дека ќе стигнеме до посакуваниот триумф“ – изјави Наумче Мојсовски за порталот www.ekipa.mk