Тренерот на Вардар, Шпанецот Раул Гонзалес, брзо стана миленик на скопската публика. Дел заради инсистирањето на македонски јазик да и се обраќа на јавноста, но и на играчите, но многу повеќе заради начинот на игра кој го преферира – атрактивен, брз ракомет, исклучително убав за око.
Во пресрет на денешниот меч со Кристијанштад, Гонзалес верува дека победата е реалност, но е свесен дека претстои натпревар со тежок противник, кој особено добро игра на свој терен. Гонзалес тоа го потврди и во изјавата за клупскиот сајт: „Нашата екипа е подготвена, меѓутоа играме на гости и тоа секогаш е многу потешко отколку дома. Мора да ја подобриме играта во напад, да бидеме подобри отколку со ПИК Сегед. Сакаме да победиме затоа што Рајн-Некар и Кјелце одиграа нерешено и со победа ние ќе бидеме прво место, а тоа би било одлично“.
Вардар лесно се справи со истиот овој противник на подготвителниот турнир во Скопје, но сите, а особено Гонзалес, се свесни дека е нешто сосем поинакво.
„Различно е кога играш пријатлски натпревар. Тогаш сите ракометари влегуваат во игра, никогаш не го гледаш семафорот, гледаш само да игра добро екипата, да ја подобриш формата пред Лига на шампиони. И Кристијанштад е различен сега од тој турнир. Против Колдинг играше одлично, иако победи со седум разлика во натпреварот водеше и со 10“, истакна Раул.
Мечот е со почеток во 16:30, со директен пренос на МРТ1.