Македонската женска младинска репрезентација го доживеа вториот пораз на Европското првенство во Валенсија, а прв во втората фаза во која репрезентациите кои не успееа да обезбедат учество во понатамошното натпреварување за медал, разигруваат за пласман од 9-тото до 16-тото место.

Нашите младинки одлично влегоа во натпреварот при што имаа и почетно водство од неколку голови разлика. Во текот на првото полувреме нашата репрезентација имаше и најголемо водство од 4 голови разлика (10:6), се до 25-тата минута кога противникот успеа да ја преполови разликата и со тоа да замине на одмор со негатива од 2 гола.

Клучно беше второто полувреме, кое нашите репрезентативки  го одиграа крајно лошо и неорганизирано со низа технички грешки. На самиот почеток нашите ракометарки му дозволија на противникот да направи серија од 4-0 и да дојде до пресврт на семафорот, 12:14. И покрај тајмаутот што го побара селекторот Симовски, лошата игра на нашите ракометарки продолжи. Веќе во 55-тата минута репрезентацијата на Србија го имаше и највисокото водство од 9 голови, 18:27. Крајниот резултат на оваа средба изнесуваше 21:28.

Најпрецизна во нашиот состав беше Ристовска со 9, а Митова и Тодоровска со 4 погодоци.За најдобри поединки на оваа средба беа Петковска од репрезентацијата на Македонија и Којиќ од репрезентацијата на Србија.

По завршениот натпревар свои изјави дадоа Драгана Петковска и Симе Симовски.

Петковска: ,, Ова беше многу тежок натпревар за нас, моментално сум многу разочарана и веќе размислувам за наредниот натпревар.“

Симовски: ,, Јас сум разочаран од играта во второто полувреме. Во првото полувреме одигравме многу добро, но второто беше многу тешко за нас. Немав доволно внимание од играчите, имаме само 6 до 7 играчи за играње кои не се доволни за една игра, натпревар.”

 

Изјавите се превземени од официјалниот канал на првенството:

https://www.youtube.com/watch?v=0h7acS6oIsU (1:35:30)