Од него се очекува во наредните години да го замени Борко Ристовски и да ја продолжи низата на одлични македонски голмани. Стефан Кимевски е еден од најтaлентираните македонски ракометари, кои оди по стапките на својот татко Дејан Кимевски, прославениот наш ракометен голман кој важи за еден од најперспективните македонски голмани. Во разговор со МакРакомет ги сподели своите почетоци со ракометот, видувањата за состојбата на репрезентацијата, како и уште многу интересни работи за себе и својот клуб.

stefan_kimevski

1. Стефан, од каде љубовта кон ракометот? Кој или што е причината заради која почна да се занимаваш со ракомет? Дали можеби твојот татко беше главниот виновник за твоите почетоци во ракометот?
Љубовта кон ракометот е веројатно наследна, татко ми своевремено беше голман и ми ја пренесе таа страст кон спортот воопшто. Повеќе спортската околина отколку тој самиот, каде што сите ми сугерираа да ги продолжам неговите стапки и дека тоа е спортот на кој треба да се посветам, а секако ја имав и целосната негова поддршка.

2. Во моментов важиш за еден од најталентираните ракометни голмани. Како дојде до тоа да бидеш баш голман? Кој го откри твојот голмански талент?

stefan_kimevski1
Име и презимеСтефан Кимевски

Благодарам на пофалните зборови, останува на мене да го оправдам овој епитет. Како помал почнав да тренирам фудбал во тогашниот клуб Куманово, но од финансиски причини после неколку месеци истиот згасна и се префрлив на ракометот. Иронично е тоа што повеќе ме влечеше да играм ракомет отколку да бранам, но откако застанав помеѓу стативите работите си дојдоа на свое место.

3. Кој е голманот во европски и светски рамки кој ти е идол? Има ли некој голман од кој учиш?
Ќе звучи субјективно, но морам да кажам дека како идол отсекогаш сум го сметал татко ми Дејан Кимевски. А што се однесува за сега, има доста добри голмани во моментов и не би можел да издвојам некој посебно, но еве нека биде тоа Арпад Штербик како некој кој отскокнува.

4. Велат дека за голманите покрај рефлексите и брзината, неопходна е и полна концентрација и смиреност во текот на мечот. На кој начин се подготвуваш за мечевите? Имаш ли некои ритуал?
Сакам да поминам време со пријателите и семејството пред секој натпревар, ете може да се каже дека тоа ме опушта максимално и ми ја дава потребната енергија за натпреварот.

5. Дали некогаш како голман ти се случило да дадеш гол?
Да, во повеќе наврати.

6. На клупски план, од РК Металург оваа сезона прејде во редовите на Тинекс Пролет. Каква е атмосферата во тимот?
Да така, после неколку години минати во Автокоманда решив да ја продолжам кариерата во една здрава средина како што е РК Пролет, и не погрешив. Атмосферата е одлична во секој поглед и тоа многу ме радува.

7. Остануваат уште 3 кола до крајот на регуларната сезона, освен Зомимак-М кој е убедливо на првото место, во игра за трите места кои водат во плеј-оф завршницата се уште 5 екипи, во кои една од нив е и Тинекс Пролет. Кои се твоите очекувања за крајов од сезонава? Може ли овој состав на Тинекс Пролет да се избори за плеј-оф?
РК Пролет е клуб со реноме и традиција и секогаш цели високо, па така и оваа сезона амбициите не се исклучок. Екипата годинава е доста изменета и подмладена, но и покрај тоа поседуваме квалитет за да избориме висок пласман. Напорно се работи и сите предуслови се тука, како од огранизациски така и од сите други аспекти. Моралот е на високо ниво, верувам во дечките и убеден сум дека ќе обезбедиме плеј-оф.

8. Пред некој ден имавте можност да играте по втор пат против големиот Веспрем. Два натпревари во кои несомнено ги покажа своите квалитети. Соработка на двете екипи која е за поздравување, како за зголемување на вашето искуство така и за младите ракометари. Како беше чувството да играш против нив?
Одигравме два ревијани меча против гигантот Веспрем во изминативе 2 месеци. Многу луѓе не се свесни што значеа тие натпревари за млади и сеуште неискусни играчи, како и тоа што претставува соработката и односот што го воспостави РК Пролет со ракометниот џин. Тое е секако за пофалба и успех како за раководството и клубот, така и за населбата Пролет воопшто. Чувството да играш против нив беше одлично и се надевам дека во блиска иднина пак ќе излеземе на мегдан со нашите пријатели од Унгарија.
Што се однесува до самиот натпревар секогаш може и подобро, но Веспрем покажа дека неслучајно се на врвот во светскиот ракомет.

9. Беше на поширокиот список на селекторот Обрван. Можат ли македонските ракометни фанови да бидат мирни кога е во прашање иднината на репрезентацијата? Следува период кога за 2-3 години репрезетнацијата ќе претрпи промени, период во кој се очекуваа од тебе и твоите врсници да бидете клучни играчи во македонската ракометна репрезентација, па не интересира дали сте подготвени за предизвикот?
Се најдов во неколку наврати на списокот на репрезентацијата и тоа претставува големо задоволство за мене и мотивација плус за во иднина. За жал сеуште ја немам почувствувано возбудата да се најдам на некое големо натпреварување и се надевам дека тоа во блиска иднина ќе се промени. Мислам дека македонските љубители на ракометот не треба воопшто да стравуваат за иднината на на репрезентацијата, бидејќи имаме навистина таленти на кои може да ни позавиди ракометна Европа од кои некои сега почнуваат да созреваат, а некои допрва се појавуваат на сцената. Оваа генерација остави многу зад себе постигнувајќи големи успеси за мала држава како Македонија, поставувајќи високи стандарди кои ќе биде многу тешко да се достигнат, но како велат светот останува на младите па останува да видиме.

10. Кое е твоето мото?
Самите сме креатори на својата судбина!

Датум на раѓање31.12.1990
Место на раѓањеКуманово
Висина194
Тежина96
Позиција на која настапуваГолман
Прв клуб
РК Куманово
Сегашен клуб
Тинекс Пролет
Тип на музика
Од хип хоп и рок па се до џез и класика, квалитетно се разбира
Хоби или интерес за нешто различно од ракометот
Читање книги, баскет, фудбал, кик бокс
Кога не би бил ракометар би бил
Многу сакам боречки вештини, нешто од тоа.