Екипата на РК Металург стигна до третата победа по ред во завршната фаза од македонското првенство, победа која е од огромно значење за разврската за освојување на второто место на конечната табела. Како и што се очекуваше видовме еден пред се тежок и тврд натпревар кој беше неизвесен до самиот крај. Натпреварот го отвори екипата на РК Зомимак-М со почетно водство од 0:2, а веќе во 14-тата минута беше изедначено 4:4 со 2 гола во низа на Марко Бувиниќ. Гостите повторно дојдоа до предност од 2 гола, но благодарение на одличните одбрани на голманот Митревски и по еден гол на Џукиќ и Ојлески, Металург го изедначи резултатот 6:6. Набргу и Металург со голот на Војводиќ дојде до водство 7:6. Потоа следуваа неколку голови и на двете страни, при што резултатот на полувреме изнесуваше 10:10.
Второто полувреме помина во тешка и изедначена борба. Металург на самиот почеток на второто полувреме минимално поведе со голот на Дарко Џукиќ 11:10, а Пецаковски со прекрасен гол од 9 метри го изедначи резултатот 11:11. Во 40-тата минута од натпреварот, ракометарот на Зомимак-М, Младеновски беше два пати по ред прецизен и донесе ново водтсво на својата екипа.
Вистински рововска борба се водеше во последните 10 минути од натпреварот, во кои практично се играше гол за гол. При водство од 2 гола за Зомимак-М (19:21), екипата на РК Металург дојде до нерешен резултат (21:21) со головите на Ојлески и Џукиќ. Победничкиот гол за Металург беше постигнат во самиот финиш на натпреварот преку пикерот Пешевски за конечни 22:21.
Натпреварот се одигра пред преполна сала и во одлична атмосфера, а домаќинот беше во целост бодрен од својата верна публика и навивачката група ,,Пирати”, кои како и секогаш ја дадоа својата максимална поддршка, овој пат за извојување на оваа значајна победа.
Најефикасен во составот на Металург беше десното крило Дарко Џукиќ со постигнати 10 погодоци, а додека за гостинската екипа Дејан Пецаковски постигна 7 погодоци.