По одиграни 6 кола во Лигата на шампионите, МакРакомет со анализа за учинoкoт нa секoј игрaч пoединечно…
Голмани
Арпад Штербик – Без сомневање најдобар во екипата на Вардар до сега. Штребик е главната причина за победите во првите три кола на Вардар. Колку е значаен за екипата се покажа на гостувањето во Данска, кога отсуството на Штербик, надополнето со слабиот ден на останатите два голмани беше главна причина за поразот од најслабата екипа во групата. Се додека Штербик е здрав, Вардар стартува со предност пред противникот. Кој и да е. Оцена: 5
Петар Ангелов – Реално, до сега Диви имаше само еден блесок. Но, како прав втор голман, беше најдобар кога беше најтешко. На дуелот со Рајн-Некар Левен, кога на Штербик не му одеше, Диви бранеше извонредно, и е заслужен за триумфот. Би било добро во дел од натпреварите (особено со послаби противници) да добие поголема минутажа, за да биде поконстантен во формата. Оцена: 3
Страхиња Милиќ – Српскиот голман можеби го загуби вишокот килограми, но ја загуби и формата во која бранеше минатите сезони. Милиќ е целосно вон форма, а тоа беше најочигледно на дуелот со Колдинг кога Страхиња не фати ниту една топка. Оцена: 1
Бекови
Хорхе Македа – Шпанскиот репрезентативец покажа дека со право се најавуваше како огромно засилување за Вардар. Тој до сега е трет стрелец на екипата со 20 постигнатии голови, но она што дава дополнителна тежина е фактот што дури 18 голови се постигнати на гостински терен. Македа со тоа покажува дека неговото искуство и разорен шут ќе бидат феноменално оружје на Вардар до крајот на сезоната. Оцена: 5
Алекс Душебаев – Алекс, заедно со Македа, го прават можеби најдобриот пат десни бекови во сите екипи во ЛШ. Алекс е четврт стрелец на екипата со досега постигнати 18 гола, и за разлика од Македа, Алекс е особено добар кога игра пред своите навивачи (импресивни 7 гола против рајн-Некар Левен). Единствена мана му се техничките грешки, кои тежнее да ги прави во серија. Оцена: 4
Игор Карачиќ – Хрватот е како што многу луѓе кажуваат, мозокот на екипата на Вардар. Можеби неговиот број на погодоци (Вкупно 16) не е голем, во споредба со минатата сезона, но неговата прегледност и неговите асистенции го прават одличен организатор во нападот. Оцена: 5
Лука Циндриќ – Хрватот Циндриќ беше вистинско откритие кога пред 2 години, на полусезоната дојде во Металург. Сепак, во Вардар Лука и понатаму е далеку од она што го прикажуваше во Металург. Веројатно потребно е време да се привикне на системот на игра на Раул Гонзалес. Сезоната е долга и на Карачиќ ќе му треба соодветна замена, па Раул ќе мора да најде начин да го извлече максимумот од Хрватот. Оцена: 3
Сергеј Горбок – Левиот бек на Вардар игра променливо. Со исклучок на првиот дуел, Горбок беше во составот на преостанатите мечеви, но рускиот бомбардер во четирите натпревари имаше постигнато вкупно 8 гола, за на последниот натпревар против Киелце конечно да се разбуди и постигне 8 гола. Доколку Вардар сака успех, формата на Горбок мора да оди нагоре, бидејќи по повредата на Деревен, тој е прв избор на Раул Гонзалес на позицијата лев бек. Оцена: 3
Блаженко Лацковиќ – Откако ја пропушти речиси цела мината сезона заради повреда, Лацковиќ се врати во тимот. Сепак, искусниот Хрват е далеку од формата по која го паметиме од пред неколку години. Во нападот не е опасен. И понатаму може да биде драгоцен во одбраната, а со своето искуство и освоени одличја, може да биде значаен во изедначените натпревари каде една топка, еден индивидуален потег може да го реши мечот. За жал тоа до сега не го покажа. Оцена: 2
Александер Деревен – Деревен почна фантастично со 4 гола на првиот меч во Монпеље. Сигурно ќе беше една од најзначајните карики на Вардар, да не го спречеше повредата поради која најверојатно ќе отсуствува од терените цела сезона. Оцена: 3
Филип Лазаров – Капитенот воопшто не добива шанса, иако во конкуренција на Горбок и Лацковиќ, веројатно треба да ја добие. Беше во составот само на два натпревари, против Колдинг и Киелце, каде на првиот влезе во игра само во еден напад, постигна гол и потоа беше вратен на клупата. Додека на вториот играше повеќе, откако вардарци направија голема предност, каде постигна 3 гола. Раул мора да го користи повеќе Лазаров. Оцена: 3
Илија Абутовиќ – Специјалистот за одбрана и годинава е одличен и незаменлив во одбраната на Вардар. Илија од година во година е се подобар и максимално го користи своето знаење, искуство и физички предиспозиции. Во моментов е без замена во одбрамбениот ѕид на Вардар. Оцена: 5
Крила
Тимур Дибиров – Русинот одлично ја започна сезоната, со што очекувано е прв стрелец во екипата со 38 погодоци. Со добрите игри во одбраната и неговата брзина во контрите и полуконтрите, со право е прво лево крило и еден од лидерите во екипата на Вардар. Оцена: 5
Дејан Манасков – Во сенка на Дибиров, Манасков слободно може да се каже дека ги преседе скоро сите натпревари на клупата, освен кога против Пик Сегед (кога во одреден период, Дибиров потфрли во играта) влезе и постигна два гола. Знаеме дека сезоната е долга и исцрпувачка, затоа мора Раул почесто да го внесува Манасков во игра, со што би ги задржал двете крила секогав во одлична форма. Оцена: 3
Данил Шишкарев – Десното крило на Вардар имаше лош старт сезонава, но на последните два натпревари покажа зошто на таа позиција е прв избор на Раул. Со вкупно 13 гола на 6 натпревари, заслужено се наоѓа во стартната постава на Вардар. Оцена: 4
Матјаж Брумен – Оваа сезона не го гледаме истиот Брумен, кој лани сезоната ја заврши како трет стрелец со вкупно 47 погодоци. Некако отсечен во нападот, со многу промашени зицери и вкупно четирите постигнати гола е најголемото разочарување оваа сезона. Оцена: 2
Пивоти
Алем Тоскиќ – Со Штербик и Карачиќ, Алем Тоскиќ е најдобриот ракометар на Вардар во досегашниот тек на сезоната. Феноменален во одбраната, незапирлив во нападот е најголемото изненадување на сите љубители на Вардар оваа сезона. Со вкупно 22 погодоци е втор стрелец во екипата, што со право е прв избор на Раул Гонзалес. Оцена: 5
Мијајло Марсениќ – Големиот и млад ракометар, кој минатата сезона дојде напрвин во Металург како големо засилување и потоа после сите случување замине во Партизан, за на крај дојде во редовите на Вардар се покажа како вистински избор. Одлично игра во одбраната, за разлика во нападот каде малку потешко се снаоѓа на шетте метри. Неговото неискуство му дава право на тоа, но покрај искусните два пикери има што да научи и допрва од него да биде одличен ракометар. Што очигледно ќе биде замената на Тоскиќ, кој ќе го напушти Вардар од следната сезона. Оцена: 3
Стојанче Стоилов – Македонскиот репрезентативец на почетокот на сезоната е во сенка на брилијантниот Тоскиќ, но одлично го заменуваше србинот, особено во одбраната на првите три натпревари. За жал Стоилов заработи повреда на рамото, кое го оддалечи од терените. Неговото брзо опоравување и враќање на неговата добро позната форма ќе биде неопходно за следните натпревари. Оцена: 2