Нов пораз, 5-ти во серија за за Металург во овогодинешната Лига на шампиони, овој пат од шпанската Ла Риоха. Успеа Металург да одигра егал со противникот само во првото полувреме кое заврши со резултат 13-13. Во тој дел од играта Металург играше онака како што знае – исклучително споро во играта во напад, сконцентрирано во одбраната и тоа даваше резултат.
Но не можеше Металург да издржи со такво темпо во текот на сите 60 минути. Нередовниот тренажен процес си го направи своето. Тоа го знаеше македонската јавност, а очигледно го знаеше и противникот, кој додаде гас, го забрза темпото во второто полувреме и со серија од 7-1, обезбеди предност која на крај му донесе победа и конечни 31-27.
По којзнае кој пат Миркуловски беше најдобар во тимот од Автокоманда. Не само што постигна најмногу голови, 8, туку и изнуди неколку пенали, а одлично и ги проигруваше своите соиграчи. Покрај него ќе го истакнеме и Вугринец со солидни 6 погодоци, а во првото полувреме, одличен беше и Димовски. Во одбраната сосема солидно одиграа Јоноски и особено Велко Марковски, како и голманот Митрески.
За жал, повторно слаб беше Мојсовски, кој иако постигна 6 голови, направи премногу технички грешки, и на неколку пати ја гушеше играта во напад на нашиот тим. Во отсуство на играчи за ротација, Мојсовски практично одигра цел натпревар, но залудно.
Кај противникот импресионираше Дос Сантос кој ја разбиваше нашата одбрана со феноменални удари од далечина.
Следниот викенд истите две екипи ќе го одиграат напреварот од 6-то коло. Од она што го видовме денес на теренот, тоа ќе биде шанса за прва победа на Металург во новата сезона.