Желбите се остварија. Киелце е противник на Вардар во четвртфиналето од Лигата на Шампиони.

Полскиот првак е последната пречка до историски успех на македонскиот клупски ракомет – пласман на завршниот турнир, Фајнал 4 во Келн.

Киелце е една од најсилните ракометни колективи во изминативе неколку години. Екипата пред 2 години веќе беше дел од завршниот турнир, на кој го освои 3-то место, додека минатата година во трилер натпревар загуби од германскиот Рајн-Некар Ловен (заради помалку голови постигнати на гостински терен).

Годинава, Киелце стартуваше со цел да го повтори најголемиот успех во својата историја – пласман меѓу најдобрите 4 екипи на стартиот континент.

И импресивно настапува полскиот шампион во досегашниот тек на ЛШ. Максимални 10 победи во 10 мечеви во групната фаза, ја покажуваат силината на овој колектив. Во осминафиналето, Киелце ја заврши работата веќе во првиот дуел, кога на гостински терен го совлада Монпелје со 25-29, што веројатно е причината за опуштањето на возвратниот дуел, кога пред својата публика загубија со 2 разлика, што впрочем е единствениот пораз на Киелце сезонава во сите натпреварувања.

Имено, и во домашното првенство Киелце е доминантен – 20 мечеви, 20 победи, вклучувајќи и два триумфа над директниот конкуент Висла Плок. Особено импресивни делуваат 12 разлика победа над Висла, и тоа на гостински терен во 8-то коло од полскиот шампионат.

Ако се погледне ростерот на Киелце, станува јасно дека не се случајни овие резултати. Бековската линија ја сочинуваат полските репрезентативци Карол Бјелицки, Михаел Јурецки, Криштоф Лијевски, Грегор Ткачик, како и репрезентативците на Словенија и Хрватска, Урош Зорман и Денис Бунтиќ. Навистина импресивна линија која подеднакво добро игра и во одбрана и во напад. Впрочем, двајцата најдобри стрелци во досегашниот тек од натпреварите се токму бекови – Бјелицки со 65 и Бунтиќ со 45 постигнати погодоци. Не помалку убоит е Киелце и од крилните позиции, каде се феноменалните хрватски репрезентативци Иван Чупиќ и Мануел Штрлек. И двајцата добро познати на македонската спортска јавност. Чупиќ воедно е и трет стрелец на екипата, со 43 постигнати погодоци. На пивотменската позиција, Киелце го има Агинагалде, еден од најдобрите пивоти на денешницата, и секако една од најголемите закани по голот на секој противник. Негова замена е Хрватот Муса, кој сепак повеќе е корисен во играта во одбрана. Има Киелце и други полски репрезентативци во своите редови, само колку да го надополни и онака одличниот играчки кадар.

На клупата е можеби и најсилното оружје на полскиот шампион, тренерот Талант Душебаев. Еден од ретките во спортот кој е подеднакво успешен како играч и како тренер. Душебаев беше доведен во Киелце да ја издигне екипата на едно повисоко ниво и да го етаблира Киелце во врвот на европскиот ракомет. Тоа е и една од причините зошто пред Киелце е императивот на успех во дуелите со Вардар.

Останува да видиме дали полската екипа ќе успее да се носи со предизвикот, или сепак Вардар ќе успее да дојде до историскиот успех – пласман на Фајнал 4.