Хрватска е противникот на македонската ракометна селекција во меч од 4-то коло на Светското првенство. Меч кој се очекува да биде дерби на групата и меч на кој, ако се оди според очекувањата, ќе се решава победникот на групата.
Тешко е да се зборува за хрватската репрезентација, а да се каже нешто ново, нешто што не е познато на пошироката ракометна јавност. Од 2003, кога Хрватска на изненадување на целиот ракометен свет стана светски првак, па се до денес, Хрватска е во самиот врв на европскиот и светски ракомет. Континуитет кој е ретко забележан во историјата на било кој спорт – на последните 6 ЕП, од 2004 до минатогодишното во Данска, Хрватска секогаш играла во полуфиналето; на светските првенства, по златото од 2003, освојува уште сребра 2005-та и 2009-та, и бронза на минатото СП, одржано во Шпанија. Тука се и златниот медал од ОИ во Атина 2004 и бронзата од игрите во Лондон 2012.
И не се застрашувачки само успесите од минатото. Тимот со кој располага селекторот Голужа е подеднакво импресивен. Можеби тоа е тим кој не делува толку моќно како во минатото, но сепак тоа е комплетен тим, вистински спој на младост и искуство, кој и овој пат има јасна цел – да се вмеша во борбата за медали.
Ако треба некој да се издвои во хрватската репрезентација, тоа е дефиитивно Дувњак, лидерот на оваа генерација. Покрај него, мора да се спомнат и останатите играчи кои се дел од првата постава – Алиловиќ, Вори, Копљар, Чупиќ, Штрлек. И кога на нив ќе се додадат вардарецот Карачиќ, потоа Гојун, Валчиќ, Бичаниќ, Степанчиќ, Хорват, јасно е дека станува за силна екипа.
Но и оваа екипа не е без свои слабости. Со години наназад во Хрватска се дебатира околу способноста на селекторот Голужа, да донесе во Хрватска златен медал. Откако тој е на клупата на репрезентацијата, Хрватска е секогаш во врвот, но никогаш на него. Дополнително, на позицијата лев бек Хрватска не делува толку моќно, а прашање е и како ќе се вклопат неколкуте нови играчи во репрезентацијата, со постарите и поискусни ѕвезди на тимот.
Она што е сигурно е дека Хрватска е апсолутен фаворит во групата. Но, она што исто така е сигурно е дека Македонија на ова СП оди со високи амбиции, и како никогаш до сега, оди на победа на сите мечеви. Па макар противникот бил хрватската ракометна репрезентација.
Мечот се игра на 21.01.2015, во Duhail Handball Sports Hall, со почеток во 17:00 часот.