Репрезентацијата на Тунис е првиот противник на машката ракометна репрезентација. “Само да можеше да се избегне Тунис во 1-то коло, со оглед на фактот што тоа е незгодна репрезентација, која игра добар, брз ракомет“ – изјави најборбениот македонски ракометар, Филип Миркуловски на почетокот на подготовките за Светското првенство.
А Миркуловски знае што зборува. Впрочем и Македонија имала лошо искуство со Тунис во минатото. На СП во Хрватска 1999-та, во меч од првото коло Тунис ни нанесе пораз 24-25. Но тоа беше пред 5 години. Иако ние и сега имаме голем број на ракометари од тој состав, Тунис е практично нова екипа.
Моменталниот африкански вицепрвак, е една од оние репрезентации кои се потенцијални изненадувања на првенството. Како и секогаш, африканските репрезентации на првенството доаѓаат физички исклучително подготвени. И таа физичка подготвеност се трудат максимално да ја искористат со жестока одбрана на граница на дозволеното, се со цел да го принудат противникот на грешка и да го казнат со брз гол од контранапад или брза транзиција.
Но Тунис, покрај физичките предности, на првенствово доаѓа со репрезентативци кои играат во Европа, повеќето во силната француска лига – дури 8 (тројца во Нант, тројца во Трембле и по еден во Монпелје и Данкерк). Кога на овие ќе се додаде и огромниот светски талент Жалу, кој игра за моќната Барселона, станува јасно дека се работи за сериозен противник.
Тунис е генерално млада репрезентација, и на вака големи натрпеварувања тоа може да биде меч со две острици. Младоста знае да даде дополнителна енергија, но ракометот е еден од оние спортови каде искуството најчесто игра пресудна улога.
Затоа, колку и да е сериозен противникот, македонската репрезентација е фаворит на овој меч. Не очекува тежок натпревар, на кој сепак очекуваме тесна победа, која ќе ни го отвори патот кон историски успех.