Репрезентациите на Франција и Полска беа најнепосакуваните од сите можни противници на ЕП 2016 во Полска, но Македонија како што добро знаеме, токму против нив ќе игра во групата А во Краков. Голманот Петар Ангелов во изјава за порталот Екипа, смета дека нема за што да се жалиме, туку напротив за добар резултат и олимписки квалификации треба добро да се подготвиме.
„Пред ждребот реков дека Полска и Франција најмалку ги посакувам да ни се паднат, ама испадна токму така. Тоа што не го сакавме, тоа го добивме. И сега нема што да се жалиме. Сите репрезентации што играат на Европско првенство се силни. Ние сме на едно ниво, на кое може и треба да се носиме со секој противник. Не сме некоја репрезентација што треба да се жалиме. Тоа е реалноста, ако се сака добар резултат и олимписки квалификации, мора и да се победи. Наше е добро да се подготвиме и здравје Боже, да бидеме сите здрави и да се бориме да бидеме меѓу тие три репрезентации од групата што ќе одат понатаму“ – изјави Петар Ангелов.