Заврши и последниот натпревар од 7-то коло во рамките на плеј-оф фазата на машката Супер лига. Ракометарите на РК Радовиш направија големо изненадување, го совладаа Тинекс Пролет на домашен терен со конечни 28:27.
Натпревар во кој ракометарите на Тинекс Пролет покажаа една бледа игра, каде уште во првото полувреме беа без идеја во нападот и ја немаа познатата цврстина во одбраната. За разлика од ракометарите на РК Радовиш кои беа мотивирани и одлично парираа во првото полувреме и имаа минимална предност, која ја одржуваа цело време, за на крај да заминат со истата на полувреме со 14:11.
Кога сите мислевме дека на почетокот на второто полувреме, ракометарите на Тинекс Пролет ќе се разбудат и вратат во натпреварот, видовме сосем нешто различно од тоа. Радовишани одлично го започнаа, цврсто во одбраната и со брзи контри направија серија од 5:0, со што за кратко обезбедија висока предност од 19:11. Предност која потоа беше тешко достижна за скопјани, кои можеби касно се разбудија на натпреварот.
Ракометарите на Тинекс Пролет заиграа во последните 10 минути од натпреварот, со што стигнаа до напад за нерешен резултат во самиот финиш. Но, тој напад не го искористија и ракометарите на РК Радовиш заслужено се радуваа на победата, со конечни 28:27.
После овој натпревар, радовишани се израмнија со бодови со Тинекс Пролет, со што ја делат 4-та позиција на табелата со вкупно по 6 поени.
Битката за излез во Европа продолжува!
Табела
Место | Екипа | П | Н | П | Поени |
---|---|---|---|---|---|
1 | Вардар | 6 | 0 | 0 | 18 |
2 | Металург | 5 | 0 | 1 | 15 |
3 | Зомимак-М | 4 | 0 | 2 | 12 |
4 | Тинекс Пролет | 2 | 0 | 5 | 6 |
5 | РК Радовиш | 2 | 0 | 5 | 6 |
6 | Прилеп 2010 | 0 | 0 | 6 | 0 |