По турнирот во Франција, каде нашите ракометари завршија на второто место, веќе се на пат за Катар. Нашиот репрезентативен голман Борко Ристовски изјави дека се подготвени за предизвикот „Катар 2015“ и ветува дека во секој натпревар ќе дадат 100% од нив.

„Минавме доста тешки подготовки за овој дел од сезоната бидејќи моравме да надополниме некои работи на физички план затоа што сите ракометари не беа во идентичен ритам. Полека мина и тој умор од мини-подготовките, одигравме и неколку квалитетни контролни натпревари и сега се вртиме кон Катар. Јас и пред турнирот во Франција реков дека резултатот не треба да биде во преден план бидејќи најважно е да ги воиграме оние акции за кои селекторот мисли дека треба да ги играме на мундијалот. Мое мислење е дека подготвени го дочекуваме стартот на Светското Првенство“ – изјави Борко Ристовски.

„Ние сме доста поискусни во однос на претходните големи натпреварувања. Не може да се прогнозира колку далеку можеме да стигнеме, но едно е сигурно, ние секогаш ќе играме 100%, ќе дадеме се од нас. Најмалку очекуваме пласман во осминафиналето, а потоа се ќе зависи од пласманот во групата и противникот што ќе го добиеме. Мислам дека се ќе зависи од нашите игри во Катар, а верувам дека сме подготвени за тој предизвик“ – заврши Ристовски.