Се мислевме како да го напишеме текстов, за да не бидеме погрешно сфатени, и на крајот решивме да напишеме онака, како што мислиме. Целосно искрено.

Ако РК Вардар сака да го третираме и ние тука во Македонија, и низ ракометна европа како екипа од врвот на европскиот и светскиот ракомет, тогаш така и треба да се однесува. Во апсолутно секој аспект од дејствувањето на клубот. На и вон теренот. За жал, со настапот на полуфиналниот дуел на Фајнал 4 турнирот во СЕХА лигата, Вардар покажа дека сеуште не е екипата, каква што сака да се претстави – професионален ракометен тим од кремот на Европа. За жал во моментов тоа Вардар не е.

Втора сезона по ред РК Вардар е клуб со највисоки амбиции. Еден од ретките, ако не и единствениот спортски колектив на Балканот, кој има јасна цел: Да се искачи на самиот кров на ракометна европа. И во некои аспекти, Вардар навистина отскокнува од оваа средина. Има богат и амбициозен сопственик, што се преточува во добар буџет. Следствено на тоа, изгради одлична екипа која подеднакво одлично е водена од стручниот штаб. Има свој спортски центар кој му ги овозможува најдобрите услови за тренинг и напредок. И на спортски план Вардар има резултати. Втора година по ред стигнува во 1/4 финалето на ЛШ, мината година ја освои СЕХА лигата, а годинава извесно ќе ја поврати и титулата во домашното првенство.

Но, сето тоа е залудно ако Вардар и во иднина има настапи како полуфиналниот дуел со Брест Мешков. Вардар со својот настап во полуфиналето на СЕХА лигата, целосно разочара. Екипа која сака да е во топ 4 во Европа не смее да настапува потценувачки во ниту еден од своите мечеви. Особено не на завршниот турнир на една од моментно трите најсилни лиги на стариот континент. Турнир кој домаќинот се потрудил да го организира како да е Фајнал 4 во Лигата на шампионите. Ниту СЕХА лигата, ниту противниците, а најмалку навивачите на Вардар заслужија ваков третман од екипата. И не е спорен поразот. Поразите се составен дел од секој натпревар. Спорно е тоа што Вардар влезе во натпреварот со идеја да изгуби. И со изборот на играчи со кои дојде во унгарија, и со минутажата на играчите кои беа во составот, и со залагањето на теренот.

И апсолутно не е оправдување фактот дека мечот на сезоната е дуелот со Киелце. Тоа е меч за дури 15 дена, сосем доволно играчите психо-физички да се подготвуваат за тој натпревар. Впрочем, и Загреб и Веспрем ќе играат четвртфинале, па со желба за триумф влегоа во натпреварот, во кој буквално изгинаа за да дојдат до победата.

И тука е вистинската паралела меѓу Вардар и големите ракометни брендови.

Не треба Вардар да се споредува со германските, француските или шпанските екипи. Доволно е да се угледа на Веспрем. Унгарскиот шампион цела сезона во СЕХА лигата ја игра максимално. Во сите натпревари, дали е тоа Брест, Борац или Нексе, Веспрем влегуваше максимално подготвен, со првата екипа, и желен за убедлив триумф. Впрочем, дури и на пријателските мечеви со еден Тинекс Пролет, Веспрем играше максимално. Така се однесува вистински ракометен бренд. Вистински ракометен колектив.

Можеби Вардар ќе стигне до Фајнал 4 уште сезонава. И тоа е нешто што цела македонска јавност го посакува. Но Вардар сеуште е екипа далеку зад оние кои со години се на врвот на ракометна Европа. И ако сака да биде во тоа друштво, да не биде екипа која ќе биде хит само 2-3 сезони, треба серизоно да ја разбере својата улога во ракометниот свет.