Екипата на РК Металург веќе утре ја започнува новата сезона во елитното натпреварување, Лигата на шампионите. Противник на Металург на отварањето на оваа нова сезона е екипата на Мотор Запорожје од Украина. Тимот од Украина ја има улогата на домаќин и фаворит во првото коло. Иако пред почетокот на сезоната во ЛШ и македонското првенство, дел од јавноста на учеството и успехот гледа со резерва и недоверба, сепак од таборот на Металург пристигнуваат сосема спротивни видувања, а тоа е дека тимот од Автокоманда е спремен и желен за предизвици и успеси. Во овогодинешното издание на Лигата на шампионите,  екипата на Металург е втор најмлад состав со просек од 22,86 години. Металург се наоѓа во групата Д заедно со екипите на Скјерн, Мотор Запорожје, Кадетен Шафхаузен, Баја Маре и Елверум Хендбал.

Тимот на МакРакомет, имаше можност да поразговара со десниот бек на Металург, Марко Бувиниќ, кој накратко ни ги раскажа видувањата и очекувањата за овој натпревар.

Марко Бувиниќ: „Најнапред утре очекувам да покажеме срце на терен, голема борба и што е најважно голема желба. Не треба да се оптеретуваме за резултатот, туку треба да уживаме во играта и во натпреварувањето.“

Натпреварот против Мотор Запорожје започнува во 18:30 часот со директен пренос на МРТ1. Судии на овој натпревар ќе бидат Тјери Дентс и Денис Рејбел од Франција.

Тимот на МакРакомет, на екипата на РК Металург им посакува успешен почеток во новата сезона во Лигата на шампионите.