Натпреварот помеѓу екипите на РК Металург и РК Зомимак-М оправдано го добива епитетот на дерби во рамките на 3-тото коло. Од исходот на меѓусебните пресметки на овие две екипи зависи кој ќе го освои второто место во машката ВИП Супер лига, што укажува на важноста на истиот за двата тима. Натпреварот ќе се одигра во спортската сала во Автокоманда, со почеток во 19 часот. Влезниците за овој натпревар ќе чинат 100 денари, а ќе се продаваат на касата во салата Автокоманда, со почеток во 17 часот.

Екипата на МакРакомет имаше можност да поразговара со дел од играчите на обата тима за очекувањата од овој натпревар. Од домашната екипа на РК Металург разговаравме со десниот бек Марко Бувиниќ, а од противничката екипа со левото крило, Александар Босеовски.

Марко Бувиниќ: „Имав прилика да ја гледам екипата на РК Зомимак-М и можам да кажам дека се работи за една многу добра екипа, со висока и цврста одбрана. Тие имаат поголемо искуство и во тоа е нивната предност. Но сепак ние играме на домашен терен, максимално сме мотивирани и ќе дадеме сè од себе за бодовите да останат во Автокоманда.“

Александар Босеовски: „Утрешниот натпревар е еден од двата најважни натпревари сезонава со екипата на Металург. Максимално сме мотивирани и знаеме дека екипата на Металург е актуелен шампион, но оваа сезона ние сме поквалитетни, поискусни и токму затоа очекувам победа на утрешниот натпревар. Со тоа ќе бидеме и чекор поблиску до освојување на втората позиција. Амбицијата на клубот оваа сезона е да се освои второто место, кое овозможува учество наредната сезона во Сеха лигата.”