Во спектакуларен натпревар, екипите на Вардар и Будуќност одиграа нерешено 24-24 во дуелот од 5-то коло во Лигата на шампионите. И Вардар и Будуќност покажаа зошто заслужено се вбројуваат меѓу главните фаворити за освојување на титулата годинава.

Присуствувавме вечерва на извонреден ракомет. Еден од најдобрите дуели во женска конкуренција одиграни во овие две сезони Скопје. Брз, модерен ракомет, со жестока одбрана на двете страни.

Будуќност подобро го почна мечот. Доминираше на почетокот и се здоби со првична предност. Дополнителен пех доживеаа вардарки со повредета на Андреа Лекиќ, рано во првото полувреме, по што таа не влезе на паркетот. И кога сите помислија дека без Лекиќ Вардар тешко ќе излезе на крај со Црногорките, Вардар доби нов играч во ликот на Алена Ихнева. Одлично ја искористи шансата Русинката и направи се да не се почуствува отсуството на Лекиќ. Сепак, Будуќност првото полувреме го заврши со водство од 2 разлика.

И во второто полувреме – вистинска експлозија на ЖРК Вардар. Извонредно во одбраната, на чело со Суслина, која уште еднаш ја покажа цела своја големина (мечот го заврши со 15 одбрани). И во нападот Вардар одигра онака како што посакува цела македонска јавност – брзо и разновидно. Напаѓаше Вардар од сите страни. Пенезиќ (8 погодоци) и Дембеле (6 погодоци) беа во главна улога, но не смее да се запостави ниту една ракометарка. Имаше Вардар и водство од 2 разлика во 58-та минута, но не успеа да додржи до крај и во тензичен финиш дојде само до бод.

Мора да се напомене и извонредно грубата игра на гостинките. Неспорен е квалитетот на Будуќност, но како и на претходните мечеви, во одредени моменти играта во одбрана наликуваше на се, освен на ракомет. И во најголем дел тоа беше толерирано од судиите, што на овој резултат му дава уште поголема тежина.

Никој нема да тагува за изгубената победа. Играта што вечерва ја покажаа Вардарки покажува дека овој тим станува колектив, и во продолжение на сезоната само ќе го подигнува квалитетот до, се надеваме, големото финале во мај, во Будимпешта.