Во дерби дуелот од 4-то коло во групата Б, ќе се сретнат Македонија и Хрватска. Двете репрезентации непоразени влегуваат во овој дуел. Меч кој најверојатно ќе одлучи за првото место во групата и значително полесен противник во осмина-финалето (најверојатно репрезентацијата на Бразил).
Тешко е да се зборува за хрватската репрезентација, а да се каже нешто ново, нешто што не е познато на пошироката ракометна јавност. Од 2003, кога Хрватска на изненадување на целиот ракометен свет стана светски првак, па се до денес, Хрватска е во самиот врв на европскиот и светски ракомет. Континуитет кој е ретко забележан во историјата на било кој спорт – на последните 6 ЕП, од 2004 до минатогодишното во Данска, Хрватска секогаш играла во полуфиналето; на светските првенства, по златото од 2003, освојува уште сребра 2005-та и 2009-та, и бронза на минатото СП, одржано во Шпанија. Тука се и златниот медал од ОИ во Атина 2004 и бронзата од игрите во Лондон 2012.
И не се застрашувачки само успесите од минатото. Тимот со кој располага селекторот Голужа е подеднакво импресивен. Можеби тоа е тим кој не делува толку моќно како во минатото, но сепак тоа е комплетен тим, вистински спој на младост и искуство, кој и овој пат има јасна цел – да се вмеша во борбата за медали.
Ако треба некој да се издвои во хрватската репрезентација, тоа е дефинитивно Дувњак, лидерот на оваа генерација. Покрај него, мора да се спомнат и останатите играчи кои се дел од првата постава – Алиловиќ, Вори, Копљар, Чупиќ, Штрлек. И кога на нив ќе се додадат вардарецот Карачиќ, потоа Гојун, Валчиќ, Бичаниќ, Степанчиќ, Хорват, јасно е дека станува за силна екипа.
Но, во првите три кола, и оваа репрезентација покажа дека има свои слабости. Тоа пред се е бековската линија. Таму реално најопасен е Дувњак, додека Копљар и Бичаниќ не се толку ефикасни во напад. Токму и затоа, на првите три меча, победата на Хрватите им ја донесоа крилата. Убиствено добра е транзицијата, односно контрата и полконтрата на оваа репрезентација. Против Австрија и Тунис блескаа Чупиќ и Штрлек, со вкупно 28 постигнати голови. Дури и на третиот меч со Иран, на кој одмараше првата постава, повторно во прв план беа крилата, односно Хорват кој постигна 12 голови.
И токму тоа е еден од клучните елементи кои ќе се решават денешниот победник. Доколку Македонија ги натера Хрватите да одиграат позиционен напад, шансите за победа значително се зголемуваат.
Вториот аспект е играта во напад на македонската селекција. За успех против вака силна репрезентација, потребна е течност, разновидност и придонес од сите играчи. Секако, најмногу очекуваме од Лазаров, впрочем како и секогаш, но мора поголем придонес и од сите останати.
И третиот и веројатно клучен аспект е играта во одбрана. Судиите на ова СП применуваат различен критериум и многу полесно доделуваат 2 минути исклучување. Затоа, онаа од двете репрезентации која ќе се прилагоди полесно на овој критериум, и ќе има помалку исклучувања ќе биде поблиску до победата. А за да има малку исклучувања, а сепак да е бедем пред голманот, потребна е голема подвижност и антиципација на противничкиот напад.
Хрватска влегува како фаворит во овој меч. Но, она што исто така е сигурно е дека Македонија на ова СП покажа дека има високи амбиции, и како никогаш до сега, оди на победа на сите мечеви. Па макар противникот бил хрватската ракометна репрезентација.
Мечот се игра во Duhail Handball Sports Hall, со почеток во 17:00 часот, со директен пренос на МРТ 1.