Еден натпревар го дели Вардар од остварување на зацртаната цел пред почетокот на овогодинешното натрпеварување во Лигата на Шампиони – пласман на Фајнал 4 турнирот.
Киелце е последната пречка до историскиот успех, не само за Вардар, туку и генерално за македонскиот ракомет.
Тешки 60 минути се пред Вардар. Полскиот шампион покажа на првиот дуел во Скопје дека е цврста, искусна и квалитетна екипа. Покажа дека костурот на тимот е составен од играчи со вонсериски квалитет. Јурецки, Ткачик, Бијелицки, Агинагалде, Чупиќ, Штрлек и останатите покрај неоспорниот квалитет импресионираат и со смиреноста и искуството. Имаше Киелце неколку тешки периоди на првиот дуел во Скопје, кога не успеваше да му парира на Вардар, но искусната екипа во ниту еден момент не ја загуби главата. Напротив успеваше да се врати во мечот и да дојде до конечен триумф.
Можеби најсилниот адут Киелце го има на клупата. Тренерот Душебаев знае дека има добар фонд на играчи кои умее правилно да ги искористи и да им даде соодветна минутажа.
И згора на се, Киелце мечот ќе го започне со 2 гола предност од првиот дуел во Скопје.
Но мечот е далеку од решен. Вардар е силна екипа. Покажа годинава дека има состав кој знае како да одигра против силни екипи како Веспрем, Монпеље, Рајн Некар. Покажа и дека знае да одигра на гостински терен кога е најбитно, како на последниот дуел во групната фаза со германскиот вице-првак. И сега Вардар треба да покаже уште една таква партија.
Во однос на првиот меч, Вардар треба да ја подобри играта во напад. Одбраната на чело со Штербик беше на највисоко ниво, и треба да ја повторат истата игра. Но нападот мора да биде подобар. Треба да се покаже тимската игра, со многу разновидност, брза транзиција и квалитте кој го красеше Вардар цела сезона. Индивидуално гледано, Карачиќ, Дибиров, Душебаев и Горбок, мора да бидат многу подобри отколку во Скопје. Ова особено се однесува на Дибиров, која напаѓачки е лидерот на овој тим и оваа и минатата сезона, и на Карачиќ, кој треба да изигра многу потрезвено и да биде вистински организатор на нападот. Подршка од пикерите Стоилов и Тоскиќ ќе биде неопходна, но тие цела сезона се на највисоко ниво, и нема зошто да не биде така и во Полска.
Мечот на годината за Вардар е во недела, со почеток во 15:30, во Хала М.О.С.И.Р Киелце, во Полска, со директен пренос на Алфа ТВ.