На три кола пред крајот од групната фаза во Лигата на шампионите, Вардар е на позиција која ја посакуваше пред стартот на натпреварите – едно од првите две места во групата. И ако првото место е практично обезбедено, за второто место сеуште се води жестока битка меѓу нашиот вице-првак и германскиот Рајн-Некар Ловен.

Но Вардар е во „пол“ позиција во таа борба. Три кола до крајот, Вардар има бод повеќе и се чини за нијанса полесен распоред од Германците. Но и она што е најважно, второто место на Вардар, не зависи од друг. Зависи само од резултатите на скопскиот клуб. А првата од трите препреки до тој толку посакуван пласман (кој дава значително полесен противник во осмина-финалето, е екипата на Чеховски Медведи. Објективно најслабата екипа во групата, ќе биде и последниот противник во оваа година, која Вардар сака да ја заврши со успех и победа.

Не толку од квалитативен, колку од психички аспект ова може да биде незгоден натпревар за Вардар. Секогаш е најтешко кога мора да се игра под императивот победа, а ова е токму таков меч. Но реалноста сепак вели дека се освен лесна победа за Вардар би било вистинска сензација. И на овој меч Вардар ќе настапи некомплетен. На повредениот Лацковиќ му се приклучи и капитенот Филип Лазаров, но Стојанче Стоилов ќе се врати на теренот. Сепак, навивачите на Вардар не треба да се премногу загрижени. На мечот со Целје, Горбок конечно покажа зошто е доведен во Вардар, и токму против своите сонародници очекуваме нов блесок на овој феноменален шутер. Тука се и извонредните Карачиќ, Дибиров, Брумен, Душебаев, кои ќе се обидат да наметнат високо темпо и уште на почетокот да го решат победникот. Слично како што беше на мечот во Скопје, кога Вардар триумфираше 39-28.

Со евентуална победа, во која никој и не се сомнева, Вардар ќе биде чекор поблиску до второто место во групата, особено ако се има во предвид дека Рајн-Некар Ловен го дочекува тимот на Веспрем, во дербито на колото. Но за тоа, потоа. Ние се фокусираме на мечот со рускиот првак, кој како и сите досегашни натпревари, ќе се пренесува на Алфа ТВ, со почеток во 17:00 часот.