Со мечот помеѓу Кристијанштад и Колдинг, започна овогодинешната Лига на Шампиони. Сезона, која во европски рамки може да биде забележана како историска заради целосно изменетиот концепт на натпреварување, кое допрва треба да покаже дали и вистински потег за развој на ракометот.
Но оваа сезона очекуваме да биде историска и за македонскиот ракомет. Оваа сезона, Македонија се надева дека ќе има свој претставник на завршниот турнир во Келн, преку својот шампион, екипата на РК Вардар.

Многу квалитетни ракометни играчи поминале низ екипите во Македонија во изминативе 20 години. И во машка и во женска конкуренција. Но, се чини дека до сега, немало силен и компактен ракометен колектив каков што има РК Вардар сезонава.

16 (и повеќе) играчи кои рамноправно конкурираат за место на паркетот.

Вардар на секоја позиција има барем по два ракометари, кои можат да бидат во стартната постава на речиси секоја екипа која годинава ќе се натпреварува во ЛШ.
Со летечките крила Дибиров, Манасков, Шишкарев и Брумен, со неверојатната бековска линија Македа, Душебаев, Карачиќ, Циндриќ, Деревен, Горбок, со одбрамбените џинови Абутовиќ, Марсениќ и Лацковиќ, со Тоскиќ и Стоилов на линијата и секако Штербик на голот, Вардар има страшна екипа. Екипа од која треба да се плашат дури и најголемите Кил, Барселона, Веспрем и останатите.

И затоа, со право, македонската јавност оваа година има високи очекувања од Вардар. Веројатно највисоки до сега.

Но, треба да се биде трпелив и свесен дека во ракометот не секогаш победуваат имињата. Играчки Вардар е извонредно силен, но мора да се има тимска игра, хемија на теренот, во спротивно и играчки многу послаби играчи ќе му прават проблеми на нашиот шампион.

Сезоната е долга, новиот систем на натпреварување носи повеќе квалитетни мечеви, па Вардар треба соодветно да ја темпира формата и да ја израдува македонската јавност тогаш кога ќе биде најважно.

МакРакомет им посакува среќа и успех!