Ракометарите на Вардар вечерва ќе излезат на мегдан против Висла Плок, во обид да стигнат до позитивен резултат во пресрет на следниот натпревар за седум дена во Скопје.

Вардарци ќе имаат тешка задача, но сепак остварлива. Полјаците се гладни за успех и ќе сакаат да го пробијат малерот што ги следи последните две години, на два пати се сопнаа токму во оваа фаза, во 2012 против Кил и лани против Веспрем.

Висла Плок е многу тежок противник кога игра дома, а доказ за тоа се двете победи над големите гиганти Варселона и Флензбург. Единствен пораз на домашен терен во тесен натпревар го забележаа против Колдинг, каде изгубија со еден гол разлика.

Екипа составена од квалитени интернационалци и полски репрезентативци, предводени од одличниот и актуелниот селектор на моќната Шпанија, Маноло Каденас е вардаровиот предизвик. Главни играчи им се двајцата срби, Зеленковиќ и Никчевиќ, како и Јуркевич кои се многу важни за нивниот напад. Навидум не многу познати играчи, но тоа по што оваа екипа е позната, е тимската игра.

Интересно е истотака што за двата клуба играат вкупно 5 ракометари со шпански пасоши. Вардар ги има Штербик на голот и извонредниот бек Алекс Дујшебаев, а кај Висла Плок силни адути се Александер Тјуменцев, Монторо Кабелјо и Коралес Родал.

Сето ова не би требало да ги уплаши нашите ракометари, туку напротив мотивира. Вардарци се во најдобра форма до сега, форма во која ракометарите ја покажаа на последниот натпревар во кој го декласираа унгарскиот гигант Веспрем.

Ќе биде неизвесен натпревар во кој ќе решаваат нијанси и пресудно ќе биде искуството на самите играчи. Нешто што повеќе го имаат нашите ракометари. Искусните Дибиров, Карачиќ и Стоилов се очекува да го понесат главниот товар на овој натпревар, потпомогнати од Горбок, Терзиќ и Тоскиќ.

Двете екипи оваа сезона покажаа дека се одлични во нападот, дека одбраната им е послаба страна. По што клучно за овој натпревар ќе биде одбраната и голманите.

Натпреварот Восла Плок : Вардар ќе се одигра вечерва од 20:45 часот, со директен пренос на Алфа ТВ.