Екипата на РК Вардар, вечерва во 20:30 часот го започнува овогодинешниот настап во Лигата на шампиони. Сезона во која Вардар има пред себе една исклучително висока цел – пласман на Фајнал 4 турнирот. Патот до завршниот турнир во Келн почнува во Словенија, против екипата на Целје, кој е вистински ракометен бренд. Екипа која во изминативе сезони редовно е дел од Лигата на Шампионите и стига до елиминациските натпревари.
Оваа годинава Целје ќе настапува со изменет состав. Се работи пред се за млади играчи, кои својот максимум ќе треба да го постигнат за 1-2 години. Тоа сепак не значи дека во овогодинешното натпреварување, Словенците тргаат со бело знаме. Напротив, имаат една исклучително физички добро подготвена екипа, чија главна карактеристика е брзата игра, особено во делот на транзиција од одбрана во напад. Дополнително, игра на домашен терен и ќе сака во премиерниот меч да покаже одлична игра и да забележи победа пред своите навивачи.
Сепак, Вардар го има клучот на успехот во свои раце. Доколку нападот го сведе на мал број на грешки и доколку брзо се враќаат во одбрана, Вардар лесно ќе дојде до првите 2 бода. Бодови, кои се потребни во борбата за што е можно повисок пласман во групата.
Вардар отпатува без македонските репрезентативци Стојанче Стоилов и Петар Ангелов, како и повредените Алексеј Растворцев и Владимир Петриќ. Но искусниот Блаженко Лацковиќ се враќа на терените, спремен да помогне на своите соиграчи со неговото големо искуство.
Гонзалес со играчи како Дибиров, Горбок, Карачиќ, Штербик, Брумен, Лацковиќ, мора да оди на победа. Се друго би било неуспех за нашиот вицешампион.
Директниот пренос од првиот настап на нашиот тим во елитното натпреварување ќе можете да го следите низ директен пренос на Алфа.
МакРакомет прогнозира:
Крај на натпреварот: Целје 24:29 Вардар
Клучни играчи за натпреварот: Карачиќ, Штербик и Горбок.