Со рутинирана победа од 31-26 над сосем солидната екипа на Борац, Вардар ја затвори феноменалната полусезона во СЦ Јане Сандански. Им останува на Вардарци уште еден меч во СЕХА лигата, за комплетен впечаток за игрите на овој тим на сите натпреварувања.

Во СЦ Јане Сандански, видовме еден интересен натпревар на кој сепак пресуди квалитетот на Вардар. По 14-12, на полувремето, на стартот на вториот дел Вардар стигна до +6, и умешно ја одржуваше разликата до крајот на мечот.
Втор натпревар по ред Стефан Терзиќ е најдобар поединец кај скопскиот тим, со 8 постигнати голови, што само може да го радува тренерот Раул Гонзалес, бидејќи Терзиќ со овие игри покажа дека на него може да се смета и на натпреварите во Лигата на шампионите. Покрај Терзиќ се истакна и Горбок со 6 погодоци, како и Страхиња Милиќ, кој имаше своевиден кам-бек на терените, со 17 одбрани.

Со оваа победа, Вардар се зацврсти на второто место на табелата во СЕХА лигата и цврсто гази кон нов пласман на Фајнал 4 турнирот.

Последниот меч за сезонава, Вардар го игра во Хрватска на 17.12, против екипата на Нексе.