Спектакуларен! Ако треба да се одбере еден збор за ракометот што го прикажа Вардар во мечот од третото коло, тогаш веројатно тој е најсоодветен. Спектакуларен!

Конечниот резултат 28-25 дури и не ја отсликува супериорноста на Вардар во дуелот со германскиот вице-шампион, Рајн-Некар Левен. Феноменални во одбраната, на чело со неповторливиот Арпад Штербик (14 одбрани), разновидни во нападот, Вардар покажа дека сонот наречен Фајнал 4, годинава може да стане реалност.

Мечот започна онака како што и се претпоставуваше. Жестоко во одбраната од страна на двете екипи, брза транзиција и разновиден ракомет прикажаа и домаќините и гостите. И двете екипи неколку пати се менува во водството, за да на полувреме се замине со нерешени 13-13. И, ако во првото полувреме следевме извонреден ракомет, можеби најубав што било кога е одигран во Скопје, второто полувреме е она кое ги доведе до делириум навивачите на Вардар. Германците не можеа да го видат голот, а и тогаш кога стигнуваа до зицер позиција, на голот беше Штербик.

Натурализираниот Шпанец беше повторно ѕид за противничките играчи. Извонредната игра во одбраната резултираше со контри и полу-конти кои Вардарци умешно ги реализираа, за во одреден момент да дојдат до +7. До крајот на мечот, падна темпото кај нашите играчи, што трпеливите Германци го искористија за да го направат поразот поприфатлив.

Кај Вардарци покрај најдобриот играч на мечот – Штербик, извонреден беше Брумен со 6 постигнати голови, како и Душебаев со 5. Карачиќ ја одигра најдобрата партија сезонава, со 5 постигнати голови. Кај гостите, Петерсен постигна најмногу голови, а во првото полувреме се истакна и Шмит. Разочара Геншајмер, кој постигна само 2 гола, а воедно и промаши 2-3 зицери.

Се на се, ова беше една извонредна ракометна вечер. Три победи од исто толку меча пред гостувањето кај францускиот шампион Монпеље, наредниот викенд. Продолжува сезоната од соништата за Вардар, која сите ние се надеваме дека ќе заврши на крај на месец мај, со учество на Фајнал 4 турнирот во Келн.