Тренерот на РК Работнички и новиот селектор на македонската јуниорска репрезетанција, Влатко Неделковски, во интервју за МакРакомет зборува за неговата нова улога, за престојните квалификации за СП во Бразил, како и за неговите очекувања на репрезентативно и на клубско ниво.

1. Ја добивте таа чест, но пред се, голема одговорност да ја предводите една од најталентираните генерации македонски ракометари. Кои се вашите први впечатоци?
Се разбира дека е голема чест да се биде предводник на една вака талентирана репрезентација. Ние како држава за жал немаме континуирано вака талентирани генерации, но за среќа ја имаме оваа генерација млади ракометари родени 94,95,96 за која гарантирам дека за многу кратко време, можеби и многу побрзо одошто многумина очекуваат ќе бидат достојна замена на сегашните репрезентативци.

2. На неполн месец ве чека првиот голем предизвик, квалификации за СП во Бразил. Колку ги познавате ракометарите и има ли време да ги наметнете вашите замисли во толку краток рок?
Ќе дадам се од себе да имаме колку е можно поголем напредок на начинот и квалитетот во играта. Времето со кое расплагаме е такво какво што е, па затоа ќе се фокусираме на нашата работа и она што зависи од нас. Се разбира дека добро ги познавам сите играчи на кои сметам во овој квалификациски циклус. Останува сите да се прилагодиме едни на други и секој да го даде својот максимум.

3. Имаме се чини комплетна селекција, во која предничи извонредната бековска линија: Неловски, Талески, Манасков, Маџовски, Дрогишки, Велковски, Давитковски. Па сепак, на ЕП не постигнавме значаен успех. Може ли оваа генерација повеќе?
Успех или неуспех е многу релативна работа. Македонија 10 години ја немаше на мапата на машкиот младински ракомет. Оваа генерација на ракометари заедно со претходните селектори успеаа да обезбедат пласман на европските првенства во кадетска и младинска конкуренција. Тоа самото по себе е успех. Се разбира дека секогаш треба да се стремиме кон уште подобри резултати. Тоа што имаме талентирана генерација не значи дека сите други седат и ништо не работат, напротив и тоа како работат и сериозно се подготвуваат. Репрезентации како Чешка, Полска и Хрватска не изборија пласман на последното европско првенство, а имаат и тоа како добри играчи кои играат во Германското и Шпанското првенство. Мислам дека за нас беше хендикеп настапот на едни исти играчи за двете генерации во така краток период летово. И сега можеби ќе го имаме истиот проблем со Талевски и Нелоски кои чукаат на вратата на А селекцијата и веројатно до последен момент ќе “висиме” за нивниот настап на овие квалификации. Лично сметам дека за нив многу поважни би биле овие квалификации, одколку СП во Катар, но секако дека предност има А селекцијата.

4. Ќе се снајдете ли истовремено како тренер на Работнички и селектор на нашата репрезентација? Кои се очекувањата на клубско ниво оваа сезона?
За среќа сите играчи играат по 60 минути во своите клубови оваа полусезона. Таа завршува на 20-ти декември, после што ќе следи собирот на Младинската репрезентација, така да тука нема да имам никаков проблем со обврските во мојот Работнички. Што се однесува до очекувањата на клубско ниво оваа година зацртавме дека главна цел е опстанокот во Супер лигата. Лично сметам дека со играта заслужуваме да сме некое место погоре на табелата, но оваа година сигурно го плаќаме цехот на неискуството на голем дел на играчите кои се генерација 93-94.

5. За крај, верувате во успех и пласман на СП во Бразил?
Групата е многу тешка. Но тоа е убавината на спортот. Победникот никогаш не се знае. Јас верувам во овие момчиња и нормално немаше да се нафатам на оваа работа ако не верувам во нивните квалитети. Ќе дадеме се од себе и доколку ни се укаже прилика ќе ја искористиме. Најбитно е да го подигнеме квалитетот и да бидеме конкурентни на останатите ракометни велесили во младинска конкуренција. Би бил најсреќен ако успееме да се квалификуваме на СП во Бразил.