Во 4-то коло од натпреварите од Лигата на Шампионите, ракометарките на Вардар ќе се сретнат со екипата на Подравка. Мечот доаѓа само 7 дена откако овие две екипи одиграа тежок и неизвесен дуел во Копривница, кој на наша среќа заврши со победа на Вардар. И на овој меч, се очекува нова победа за Вардар, трета во низа со која ќе се осигура пласманот во следната рунда на натпревари.
Но не само победа. Македонската спортска, пред се ракометна јавност, на овој меч конечно очекува да ги види вардарки во вистинско светло. Тесна победа, нема да ги задоволи префинетите вкусови на ракометните фанови ширум земјата. Очекуваме македонскиот ракометен шампион да одигра цвсто и борбено во одбраната, и ракометарките да и помогнат на до сега феноменалната Суслина. Но повеќе од се, сите чекаме да видиме добро осмислен, луциден напад, кој нам, но и на ракометна Европа ќе покаже дека Вардар допрва ќе се качува во формата, и дека не случајно пред почетокот на сезоната се вбројуваше во еден од сигурните патници на Фајнал 4.
Тоа го знае и тренерот на екипата, Индира Кастратповиќ: „Ова е многу важен натпревар за нас и мислам дека воопшто не треба да размислуваме како ќе заврши, сигурно одиме на победа. Сигурно ќе ме прашате и уште веднаш ќе кажам, не сум задоволна од формата во овие три меча, но се надевам дека од натпревар во натпревар ќе биде подобро подобро, дека девојките ќе влезат во ритам. Знам дека моите девојки се најдобри во Европа и се трудиме од натпревар во натпревар да покажат една сплотена игра. Мислам дека тоа ќе биде во недела и сите ќе уживаат во тоа“.
Добра игра и победа ќе им дојде добро на ракометарките за подигнување на самодовербата, пред исклучително важните дуели во следните 2 кола со екипите на Турингер и Будуќност. Дополнително, со тоа ќе се подгрее атмосферата помеѓу ракометните фанови и ќе придонесе за нивно враќање на трибините на мечевите на женскиот ракометен првак.
Мечот ќе се одигра во салата „Јане Сандански“, во недела, со почеток во 19:00 часот. За оние кои нема да писуствуваат со салата, директниот пренос, стандардно, е на Алфа ТВ.