Рутинирано, практично со половина сили, Македонија ја забележа втората победа на Светското првенство во Катар. Иако конечниот резултатот не го кажува тоа, Македонија ја контролираше играта и резултатот, некаде од 20-та минута па се до самиот крај. Притоа, мора да се признае дека Иран изигра сосем солидно. Но тоа не беше доволно да направат изненадување и да избегнат пораз.
Мечот Македонија го започна со бековска линија која не настапи многу на вчерашниот меч. Филип Лазаров, Прибак и Вугринец стартуваа и сосем коректно играа во напад. Но одбраната не функционираше. Дури 10 примени голови до 10-та минута, се премногу, колку и опуштено да влеговме во овој дуел. Македонија не успеа да се одлепи и тоа беше знак за Обрван околу 20-та минута да го внесе Кире Лазаров во игра. Заедно со Миркуловски, тие ја стабилизираа играта и Македонија замина со 2 гола предност на полувреме – 19:17. Во првото полувреме мора да се истакне одличната игра на Прибак, кој мечот го заврши со 5 гола од 5 обиди.
Македонија второто полувреме го започна со најсилната бековска линија – Кире Лазаров, Миркуловски и Мојсовски. Со нив во играта, и сосема солидниот на овој меч Недановски (4 гола од 4 обиди), како и солидниот Борко Ристевски на голот кога беше најпотребно, Македонија ја контролираше играта и резултатот, и дојде до триумф. Повторно најпрецизен беше Кире лазаров, со 9 постигнати голови, а треба да се истакне и играта на Филип Миркуловски кој со своите влезови, голови, асистенции и изнудени седмерци ја излудуваше одбраната на Иран.
По две кола, Македонија е со две победи и е на врвот во Група Б. За нашата репрезентација утре е слободен ден, а во среда, следи тежок дуел со добро познатиот противник, репрезентацијата на Босна и Херцеговина.