Иднината на ЖРК Вардар, ракометарките од вториот тим, се подготвуваат за реванш натпреварот од 3-то коло во Купот на ЕХФ, против унгарски Дунајварош. Пред една недела, во Унгарија загубија со 28-20 и ги сведија на теорија шансите за премин во следното коло, но и онака тоа би било преголем залак против екипата која некогаш беше европски шампион.
Поразот можеби изгледа висок, но тренерот Симе Симовски е задоволен од максималното залагање на девојките и посакува ист однос и во Скопје, на натпреварот кој се игра денес во 17 часот.
„Игравме против екипа која е од врвен калибар, поранешен еропски шампион кој во своите редови има големи имиња. Според мене тоа е екипа која сигурно ќе се бори за пласман што повисоко во овој ЕХФ Куп. Таму одигравме релативно добро според моите критериуми. Девојките го изработија она за што се залагавме на тренинзите. Имавме мали пехови кои Дунајварош успеа да ги казни и затоа резултатот е малку поголем. А тие пехови се недостаток на искуство. Ова се девојки кои се градат и имаат цел да стигнат до првата екипа. А тоа се постигнува токму со што повеќе вакви натпревари. Би посакал да ја пружиме истата игра од минатиот меч, само треба да ги намалиме техничките грешки. Растоварени сме, немаме што да загубиме и затоа ќе се обидеме да оствариме што подобар резултат“ – изјави Симовски.
Превземено од www.hcvardar.com