По поразот од ПСЖ во мечот од првото коло, македонскиот шампион забележа пораз и од екипата на Брест Мешков на гостувањето во Белорусија, овој пат со резултат 28-24. Порази во ракометот се нормална работа, особено порази на гостински терен, но она што загрижува, и она за што нема оправдување е катастрофалната игра во текот на сите 60 минути. Металурзите играа без концепт и во напад и во одбрана. Иако македонските ракометари имаа активен резултат до 50-та минута, реалноста е дека во ниту еден момент победата на Брест Мешков не беше доведена во прашање.
Во екипата на Металург само тројца играчи заслужуваат преодна оценка – Лука Циндриќ кој беше најдобар стрелец со 9 постигнати голови, Филип Миркуловски, кој втор натпревар по ред е најдобриот играч кај Металург, постигна 7 голови и Липовина со 4 гола. Сите останати играчи целосно потфрлија.
На овој натпревар се чини најмногу потфрли Лино Червар. Не сметаме дека сме поголеми стручњаци од големиот и трофеен тренер, но нејасно е зошто во одбрана го нема Велко Марковски, нејасни се нерезонските менувања на голманите, нејасен е генерално целиот концепт на играта во напад и ротацијата на играчите. Останува да се надеваме дека како одминуваат натпреварите, така Металург ќе игра се подобро, бидејќи ова сепак е екипа во создавање.
Да се надеваме дека нема да биде предоцна. А веќе во следното коло, продолжува серијата од 4 тешки натпревар на стартот од ЛШ. Наредниот викенд Металург оди во Хрватска, на дуел со Загреб, на нов антологиски судир меѓу Вујовиќ и Червар.
Сите искрени љубители на македонскиот ракомет, и пред се плејадата навивачи на Металург се надеваат дека шампионот може како феникс да се издигне и да се врати во игра за пласман во 1/8 финалето. Екипата на МакРакомет верува дека македонскиот шампион може да дојде до победа во Загреб!
Статистиката од денешниот натпревар, може да ја погледнете на следниов линк.