Со пораз 30-22 од Брест, екипата на Вардар се враќа од гостувањето во Мешков. Како што и претходно најавивме, секогаш се тешки мечевите по репрезентативните настапи. Тоа се виде на дуелот со Брест, каде Вардар беше во подредена улога и домаќинот сосема заслужено ги освои двата бода. Можеби резултатот не ја отсликува целосно разликата во овој меч (домаќинот големата разлика ја направи во последните 8 минути), но сепак ја отсликува лошата игра на нашиот вице-шампион.
Не функционираше играта на Вардар, ниту во нападот, уште помалку во одбраната. Растко Стојковиќ со 7 гола, Божовиќ и Шпилер со по 6 и Манојловиќ со 5 погодоци, ја водеа екипата на Брест до убедлива победа. Мора да се издвои и голманот Пешиќ со 15 одбрани. Кај Вардар, најпрецизен Терзиќ со 5 гола, а солиден беше и Ангелов на голот со 10 одбрани.
Овој тежок пораз ракометарите и особено тренерот на Вардар треба да го сфатат како сериозна опомена пред дерби мечот од Лигата на Шампионите наредниот викенд, со најсилната екипа во групата, унгарскиот Веспрем.