Тежок меч ја очекува македонската ракометна репрезентација во 1/8 финалето на СП во Катар, Противник е извонредно квалитетната репрезентација на Словенија. Но на еден наш репрезентативец, овој меч ќе му биде несомнено најтежок.
Ренато Вугринец.
Ракометар со кариера која може само да ја посака секој спортист. Ракометар кој голем дел од својата кариера помина во Словенија, со чии тимови и репрезентација ги постигна најголемите успеси – Европски шампион со Цеље во 2004, сребрен медал со репрезентацијата на ЕП 2004, учесник на две Олимпијади со словенечката репрезентација (2000 и 2004).
Вугринец е ракометна икона на Словенија. Преку 10 сезони одиграни за Цеље за кои постигнал вкупно 1465 голови во сите натпреварувања. Со 187 настапи за словенечката репрезентација и 616 постигнати голови, тој е еден од најуспешните ракометари во историјата на СЛовенија.
Но тоа е се станато во минатото. Неколку години Вугринец живее и работи во Скопје. Тој е еден од најзаслужните за големиот успех на Металург, а со тоа и македонскиот ракомет во изминативе сезони. И најважно од се, тој е огромен професионалец.
Затоа нема сомнение, Вугринец во недела ќе вложи максимум и со сето свое знаење ќе се обиде да и помогне на својата екипа, на репрезентацијата на Македонија, да дојде до историски успех.