Хрватите одморени ќе ја дочекаат македонската ракометна репрезентација во дербито од групата Б, кое ќе се одигра во среда од 17:00 часот. Како што планираше селекторот на хрватската ракометна репрезентација, Голужа, на мечот со Иран одмараше првата постава, а шанса добија (и целосно ја искористија) „резервите“.
Од сите, најмногу се истакнаа феноменалниот голман Ивиќ и Хорват на десно крило, како и солидните Слишковиќ и Карачиќ.
„Задоволен сум со тоа како оигравме во прво полувреме, и во вториот дел на на второто полувреме. Но она што се случуваше на почетокот на второто полувреме е неприфатливо. Се играше неодговорно, без дисциплина и без план. Треба да се игра со глава, а не со срце. Им дадов слобода на играчите, но побарав и одговорност. Некои играчи мора да сфатат дека во клубот се станува играч, а во репрезентацијата ѕвезда“.
Што се однесува до дуелот со нашата репрезентација, Голужа има само пофални зборови за македонската ракометна селекција.
„Македонија е одлична екипа. Го имаат Лазаров, кој е еден од најдобрите стрелци на свет во изминативе неколку години и имаат една силна и компактна екипа. Дополнително ќе мотивираат против нас. Но, ако ние одиграме како што ќе се договориме, ако одбраната биде на ниво, а нападот течен, ќе го добиеме тој натпревар“.