Сабота, 19:00 часот, Спортски Центар Јане Сандански, Скопје.
Четврт-финале од ракометната лига на шампиони во женска конкуренција, а во епицентарот на настанот, дерби помеѓу два од четирите учесници на минатогодишниот Final 4: непобедливиот унгарски Ѓер, освојувачот на европското злато, наспроти носителот на бронзата, ЖРК Вардар, сегашната единствена македонска женска ракометна надеж.
Библиската приказна за овчарот Давид и џиновскиот воин Голијат, а воедно и симболот за победата на послабиот над појакиот, е неоспорно добро позната. Погледнато од спортска перспектива, поделбата на улогите пред почетокот на натпреварот е јасна. Ѓер е ракометниот Голијат: моќен, искусен, поткрепен со знаење и техника и поведен од едни од најголемите имиња на денешната ракометна сцена. Со две титули, од вкупно три финалиња во последните три години, Хорњак, Ковачиќ, Лунде, Локе, како и помалата од добро познатите сестри кометалки – Аморим, се подготвени повторно да атакуваат кон врвот на ракометна Европа, се’ со цел да ја одбранат веќе освоената титула во лигата на шампионите.
Од друга страна, ЖРК Вардар ја презема ролјата на Давид, но видно засилен и поучен од ланското учество, со кое го забележа своето деби на посериозниот европски ракометен подиум, ќе се обиде да го оправда притисокот, како и сите очекувања наметнати од македонските спортски поддржувачи и јавност. И нормално, својата шанса ќе ја бара во отсуството на најдобрата светска ракометарка од 2005 година и најдобриот стрелец во ЛШ од 2014 година, Анита Горбиц, чија блажена состојба е причината, поради која таа е оневозможена да го предводи својот тим до третата европска круна. Меѓутоа, ако се земе предвид формата на младата Анико Ковачиќ, како и нејзините одлични плејмејкерски перформанси оваа сезона, тогаш сигурно ЖРК Вардар го чека трнлив пат до успехот.
Ако како некаков индикатор се земе играта на Ѓер на Handball Fiesta турнирот, одржан во Унгарија во 2013 година, каде што во време кога ЖРК Вардар се’ уште ползеше и ги бележеше своите почетоци, Ѓер во финалето оствари победа од 29:21 над македонскиот шампион, тогаш несомнено е дека Индира и девојките на реваншот во Унгарија би отишле со надежи сведени на минимум. Меѓутоа, оттогаш е помината една година, а црвено-црниот колектив, побогат за една сезона во лигата на шампионите и во домашното првенство, токму во сабота ја става на тест својата зрелост.
Сепак прашањето гласи, колку атрактивноста на овој натпревар, ќе придонесе за навивачите конечно да ја исполнат салата, водејќи се од фактот што досега нивната поддршка на натпреварите од женското првенство беше минимална? Останува да видиме во сабота. Но, доколку трибините во СЦ Јане Сандански бидат исполнети до последното место, а атмосферата конечно го достигне задоволителното ниво, тогаш тренерот Амброш Мартин ќе има многу за размислување.
Едно е сигурно. Противникот не смее да се потцени, но и не смее да се прецени. Хендикепот на пикерската позиција не смее да биде причина за лош резултат во сабота, а домашниот терен треба да биде мотивација за постигнување позитивна резултатска разлика. Одличната игра на Пенезиќ во досегашниот дел од натпреварувањата треба најмногу да дојде до израз сега и треба да биде поддржана од останатите девојки од тимот, за на крајот вината поради можен лош резултат да не падне врз француската судиска двојка.
Единственото што ни преостанува е да им посакаме среќа.
Сепак, кога можел Давид, зошто да не можете и вие?