Екипата на ЖРК Металург го совлада вториот тим на ЖРК Вардар со убедливи 27:14 (13:3). Иако овој натпревар важеше за дерби на колото, сепак според прикажаната игра пред се од гостинот овој натпревар уште на почетокот го изгуби епитетот на дерби натпревар. Домаќинот фуриозно го започна натпреварот во нападот и самоуверено во одбраната што резултираше најнапред со водство од 4:1, потоа 8:1, за да противникот својот втор гол од трите во првото полувреме го постигне во 16-тата минута. Во понатамошниот дел од натпреварот ЖРК Металург од минута во минута го зголемуваше своето водство, а успеваше да го запре противникот со одлична игра во одбраната. Девојките на ЖРК Вардар 2 видно деконцентрирани при секој нов напад го зголемуваа бројот на технички грешки и избрзани и изнудени удари, благодарение на одличната одбрана на домаќинот која тотално го затвори пристапот до голот, а за тоа сведочи резултатот на крајот од првото полувреме 13:3. Сепак, доколку не беше расположена младата голманка на ЖРК Вардар 2, Нина Ладева, која нанижа 16 интервенции меѓу кои и 3 седмерци, поразот на Вардар би бил уште покатастрофален.
Второто полувреме продолжи во ист ритам, Металург го зголемуваше водството кое во еден момент изнесуваше 25:10, но сепак во завршните минути од натпреварот дојде до мало опуштање во играта на ЖРК Металург, кое противникот го искористи за да го ублажи високиот пораз.
Најефикасни во тимот на ЖРК Металург беа Сара Ристовска со 6 погодоци и Андреа Белевска со 5, а додека кај противникот, покрај одличната партија на голманката Нина Ладева, најефикасни беа Керамичиева со 7 погодоци и Наташа Нолевска со 5 погодоци.
Со оваа победа, ЖРК Металург практично го обезбеди второто место на конечната табела во македонската супер лига.
ЖРК Металург – ЖРК Вардар 27:14 (13:3)
ЖРК Металург: Антиќ (12 одбрани), Серафимова (5 одбрани), Дурланова, Каранфиловска, Белеска 5, Јовановска 1, Николиќ 4, Стојковска 2, Николовска 2, Дабевска 1, Ливриниќ 4, Саздовска, Ципушева, Величковска 2, Ристовска 6 и Петковска. Седмерци: 4/7. Исклучувања: 6 минути.
ЖРК Вардар: Ладева (13 одбрани + 3 седмерци), Прленда, Петровска, Ангелевска, Трпковска, Николовска, Бојаџиска 1, Тодоровска 1, Нолевска 5, Трајчевска, Џини, Керамитчиева 7, Мишевска, Трајковска и Гичевска. Седмерци: 1/2. Исклучувања: 4 минути.
фото: zrkvardar.mk