Денес започнува завршницата во разигрувањето за шампионската титула на Македонија. На програмата денес се 3 натпревари. По одигрувањето на првите 5 кола од оваа фаза на првото место на табелата очекувано е РК Вардар кој има максимален број на бодови 15, втор со 3 бода помалку е РК Металург  12, а трета е екипата на Зомимак-М со 9 бодови.

Екипата на Прилеп денес има улога на домаќин и ќе ја пречека екипата на РК Вардар. Овој натпревар е закажан со почеток во 19 часот, а ќе се одигра во спортската сала „Сонце“. Тимот на МакРакомет накратко разговараше со ракометарот на РК Прилеп, Александар Бозароски кој го изјави следното:

„Ќе дадеме се од себе за да се претставиме во најдобро светло пред нашата публика. За Вардар можам да кажам дека е големо име во ракометот не само во Македонија, туку и во Европа. Свесни сме кој е Вардар, но не е спортски однапред да се предадеме. Наша задача е да го одиграме она што го тренираме секој ден.Сметам дека на ваквите натпревари треба да уживаме ние како екипа, а исто така и целата публика. Овие натпревари се одлични за нас, посебно за моите помлади соиграчи и преку нив го зголемуваме нашето искуство. Наше е да играме и да дадеме 120% од нашите сили, а резултатот ќе покаже до каде сме и што сме сработиле оваа година“.

Екипата на Зомимак-М, откако во првото коло ја пречека и ја совлада екипата на РК Тинекс Пролет овој пат во 6-тото коло има улога на гостин. Натпреварот на овие две екипи е закажан со почеток во 19 часот, а ќе се одигра во спортската сала „Македонско Сонце“. Токму за овој натпревар, тимот на МакРакомет имаше можност да поразговара со искусниот пикер на РК Зомимак-М, Игор Павловски  кој накратко ни го изјави следното:

„Ние на секој натпревар одиме на победа, така и овој пат против младата екипа на Тинекс Пролет. Овие 3 бода ни се многу потребни за борбата за второто место. Сепак сметам дека за тоа второ место ќе решава натпреварот со Металург кој ние го играме на домашен терен“.

РК Радовиш овој пат ја пречекува екипата на Металург. Овој натпревар започнува во 18 часот, а ќе се одигра во СРЦ  „25 Мај“. Околу очекувањата од овој натпревар поразговаравме со крилото на РК Радовиш Бобан Блажески, кој ни го изјави следното:

„Металург е докажана екипа во Македонија, но и во Европа па токму затоа и е задоволство да се игра против таква екипа. Ние ќе дадеме се од себе и со помош и поддршка од нашите навивачи ќе се обидеме да бидеме рамноправен противник. Сепак наша цел е пласман во Европа.“