Вториот дел од македонското ракометно првенство продолжува. Денес на програмата се два натпревари, со кои ќе се комплетира првото коло од плеј-оф фазата. Најнапред ќе се сретнат екипите на ракометниот клуб Вардар и ракометниот клуб Прилеп, средбата започнува во 15:00 часот, а ќе се одигра во малата сала на спортскиот центар „Јане Сандански“
Првото коло од плеј-оф фазата ќе го затворат со меѓусебна пресметка екипите на РК Зомимак и РК Пролет. Домаќин е екипата на РК Зомимак, а натпреварот започнува во 18:00 часот.
Тимот на МакРакомет имаше можност да разговара со младите ракометари на РК Тинекс Пролет, Илија Крстевски и Стефан Стојановски околу очекувањата за понатамошниот дел од првенството и за натпреварот што следува.
Илија Крстевски: „Нашата примарна цел беше да бидеме помеѓу првите 4 екипи во првиот дел од првенството што значи обезбедување место во вториот дел од првенството, таканаречената плеј-оф фаза во која се приклучуваат Металург и Вардар. Иако сме екипа која е составена од млади ракометари, во овој дел од првенството секој позитивен резултат е плус за нас. Ќе дадеме се’ од себе да се најдеме на оние места на конечната табела што обезбедуваат пласман во некои од натпреварувањата во Европа. На натпреварот со Зомимак, иако се фаворити ние максимално сериозно ќе пристапиме и не се предаваме однапред. Ќе се бориме до крај и подобриот нека победи.“
Стефан Стојановски: „Јас и моите соиграчи напорно се подготвуваме за овој дел од првенството. Работиме на подобрување на некои технички работи. Што се однесува до натпреварот со Зомимак, свесни сме и самите дека Зомимак се фаворити, но верувам во нашите способности и очекувам добар натпревар и на крајот добар резултат.“
За потсетување, екипите на РК Металург и на РК Радовиш со вчерашниот натпревар го отворија вториот дел од првенството, а како победник во меѓусебниот дуел излезе екипата на РК Металург со 26-20.