Вистински ракометен празник овој викенд во Скопје. Нашата женска младинска репрезентација го освои првото место на квалификацискиот турнир со максимален број на победи од исто толку натпревари. Иако поголемиот дел од јавноста со резерва гледаа и предвреме им ја одземаа шансата за пласман на ЕП во Валенсија, Шпанија, сепак нашите девојки со прикажаната игра го демантираа сето тоа. Се започна со победата против малку познатата репрезентација на Исланд преку фаворизираната Холандија, па се до за некои ,,несовладливата” и ,,апсолутниот фаворит” Црна Гора.
ДЕН 1: Патот до првото место започна со победата против репрезентација на Исланд, натпревар во кој нашите девојки во првото полувреме влегоа со почетна трема што се одрази на играта, со голем број на технички грешки што резултираше со почетно водство од 5:2, а потоа и 6:2 за Исланд. Во продолжението на играта девојките се соземаа и со многу подобра игра (поорганизирани во нападот и со поцврста одбрана) успеаа на крајот да слават со 22:24 и да стигнат до првите бодови на табелата во нашата група.
ДЕН 2: Охрабрени од победата против Исланд, со поголема самодоверба, на натпреварот со Холандија која на последното СП заврши на шестотто место, видовме една сосема поинаква екипа, која во текот на целиот натпревар демонстрираше надмоќ и со мудра игра во напад, а посебно со цврста одбрана, ја доведуваа екипата на Холандија во подредена улога до тој степен што фаворитот остана само фаворит на хартија. Во еден момент водството на ,,АУТСАЈДЕРОТ МАКЕДОНИЈА” изнесуваше цели 10 голови разлика. Ваквата наша надмоќност во играта внесе нервоза не само меѓу противничките играчи, туку и кај малубројните навивачи на Холандија кои дојдоа да ја бодрат својата репрезентација. Шокот што го приредија нашите ракометарки беше преголем за да се врати ,,фаворитот Холандија” во игра. До самиот крај на натпреварот победата на нашата селекција не беше загрозена и доведена во прашање, така што крајниот резултат од оваа средба изнесуваше 26:19. Со оваа победа младинската репрезентација обезбеди пласман на Европското првенство во Шпанија кое ќе се одржи во Валенсија од 23.07.2015 до 02.08.2015 година.
ДЕН 3: Иако третиот натпревар против репрезентацијата на Црна Гора немаше никакво значење бидејќи и двете екипи веќе си обезбедија учество на ЕП, нашите девојки мотивирани и гладни за игра и победа влегоа во овој дуел без никаков респект против четврто пласираната екипа на последното СП што се одржа токму во нашата држава. Бевме сведоци на еден одличен натпревар во кој девојките покажаа пред се карактер, невидена борбеност и сплотеност во играта што на крај доведе до тоа ,,да падне” на Кале и фаворитот на групата. Во првото полувреме, нашата селекција имаше константно водство од 2 до 3 гола разлика што беше вистинско и пријатно изненадување за сите присутни во салата, освен за екипата на Црна Гора и нивните навивачи, револтираните навивачи од Холандија, кои незадоволни од пласманот на својата екипа постојано упатуваа ситни провокации од трибините во друштво на црногорските навивачи. Но, она што не можеше да не убие, не направи уште посилни. Посебно по водството на Црна Гора од 4 голови разлика кое се должеше на малиот пад во нашата игра и низата исклучувања, а истовремено поддржани од нашата верна публика македонските репрезентативки успеаа да покажат карактер и да се вратат во игра за да на крајот да извојуваат победа со конечни 18:17 (9:8).
Она на што треба да се стави акцент е фактот што овој пат видовме една сосема поинкава екипа за разлика од онаа од минатата година која го освои 17-тото место на СП во нашата држава. Она што е за поздрав е што нашата репрезентација и покрај кратките подготовки и малиот број на контролни натпревари успеа со одлична игра да дојде до 3 значајни победи и историски пласман преку квалификационен турнир по цели 20 години отсуство од континенталниот собир за младинки. За пофалба е што селекторот Симовски успеа да внесе еден нов имиџ во играта што доликува на модерна екипа од светски ранг, да ги сплоти девојките и преку позитивна атмосфера во репрезентацијата заеднички да дојдат до посакуваниот успех.
Тимот на МакРакомет на нашата репрезентација и го честита пласманот на ЕП во Шпанија, со желби да не изненадат вака пријатно со добра игра и висок пласман.